
Македонската уметница Марија Павловска е дел од изложбата „Зодијак: Мистериозната моќ на креативното“ во САД
Фондацијата за скулптури „Фојерман“, во рамките на изложбата „Зодијак: Мистериозната моќ на креативното“, во Музејот на уметност „Медичи“ во Хауланд, Охајо, претстави дела на Марија Павловска.
Препорачано
Изложбата „Зодијак: Мистериозната моќ на креативното“ во Музејот на уметност „Медичи“ во Хауланд, Охајо, ги обединува уметниците во подем и етаблирани уметници што ја толкуваат мистичната моќ на Зодијакот на смели и неочекувани начини – преку скулптура, сликарство и мултимедија.
Наместо да се фокусираат на специфични хороскопски знаци, избраните дела одразуваат поширок ангажман со небесните сили и духовната интуиција. Оваа револуционерна изложба ги истражува астролошките, психолошките и симболичните димензии на креативноста преку современата уметност. Изложбата е курирана од Кејтлин Амендолара-Русо, извршен директор на Музејот „Медичи“.
Во рамките на изложбата „Зодијак“, а презентирани од Фондацијата за скулптури „Фојерман“, се претставени дела од македонската уметница Марија Павловска. Нејзините монументални дела внесуваат космичка елеганција на оваа групна изложба полна со ѕвезди. Павловска е претставена во друштво со уметниците и панелисти Абетомива Гбадебо, Керол А. Фојерман, Дона Додсон, Зета Пилар, Лоренцо Квин, Барбара Сегал, Аби Модел, Ева Бадер-Френк, Ден Морган, Надин А. Гафар и други.

Изложбата „Зодијак“ означува моќен чекор напред во проширувањето на меѓународното присуство на Музејот „Медичи“, истакнала кураторката Кејтлин Амендолара-Русо, додавајќи дека низ соработката со Фондацијата за скулптури „Фојерман“ ги здружуваат визионерските уметници од целиот свет, обединети од креативната интуиција.
На изложбата, Павловска ce претставува co делото „Објект 06“, дел од концептот „Објект“, што го создава од 2015 година. Целиот концепт вклучува осум дела, кои варираат од монументални до големи дела, поткрепени со цртежи. Осумте дела што го сочинуваат „Објект“ се интимно поврзани и заедно се дел од истата приказна. Сликите се истовремено модерни, но со навестување кон историските традиции на апстрактната уметност, составени првенствено од енергични црни, бели и сиви потези со четка и ознаки уникатни за уметникот.
Кумулативниот ефект на овие современи апстрактни слики, со нивните зафатени линии и кинетички движења, остава впечаток дека некој постојано прашува, испитува, го ажурира просторот, навлегувајќи во подлабоки и поинтензивни нивоа на истражување со секое движење на четката или гребнатинка од платното.
Уметничките дела во рамките на просторот се трансформираат во универзум без граници кој моли да протече многу подалеку од видливата слика, протегајќи се надвор од платното и нудејќи му на гледачот неочекувана и поширока креативна палета.
Серијата „Објект“ потекнува од друга, поголема серија, која вклучува 40 дела наречени „Црно и бело“, „Треперење“, „Тишина“ и серии „Доплер“ произведени помеѓу 2003 и 2011 година. Уметноста на Марија Павловска, користејќи поларни црно-бели бои, се издвојува со специфичен експресивен стил што е уникатен, како во балканскиот регион, така и на меѓународно ниво.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 291, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-27.7.2025)