Групна фотографија на поетите што настапија на поетската манифестација

Македонската поетеса Наташа Сарџоска настапи на две поетски манифестации во Трст

Поетесата, писателка и преведувачка Наташа Сарџоска од 12 до 17 август престојуваше во Трст, каде што настапи на две поетски манифестации. Имено, во Монрупино, односно Репентабор, на 14 август, таа настапи на тринаесеттото издание „По патот на поетите“ по должините на поранешната граница меѓу Словенија и Италија, во организација на Друштвото на писатели на Словенија и под покровителство на италијанската општина Монрупино/Репентабор.

Сарџоска читаше свои стихови на македонски и на италијански јазик, а истите беа претставени на бројната публика и на словенечки јазик во превод на словенечкиот поет и преведувач Марко Кравос.

Потоа, на 17 август, во рамки на повеќејазичната поетска средба „Зборови меѓу места“ во организација на Издавачката куќа „Вита Актива Нуова“ од Трст, а под покровителство на Регионот Фриули Венеција Џулија, покрај Замокот во Дуино, заедно со девет поети од Италија, Хрватска и Словенија, Сарџоска се претстави со свои песни на македонски јазик и во нејзин автопревод на италијански јазик.

Оваа поетско-музичка манифестација обедини бројни јазици, меѓу кои хрватски, италијански, германски, англиски, српски, словенечки, македонски, како и неколку дијалекти меѓу кои истријански, трстки, бизјачки и фурлански.

Поетски настап на Наташа Сарџоска

За време на нејзиниот престој во Трст, Наташа Сарџоска даде интервју на италијански јазик за РАИ – Италијанската радио телевизија од Трст, а „Приморски дневник“, весникот на словенечкото малцинство во Трст, објави статија со наслов „По патот на поетите во Репентабор одекна македонскиот јазик“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот