
Македонија преплавена со лажни ТОЕФЛ сертификати од „Јулија“ Бугарија – клиентите имаат директорски апетити!
Каде била фабриката за лажни ТОЕФЛ сертификати по англиски јазик од „Јулија Цо. ЛТД“ Пловдив Бугарија, која ја користеле директори од цела Македонија за удобно да седнат во фотелјите? Се отвора Пандорината кутија и се појасно станува дека во бројни градови ширум државата различни кандидати за директори, аплицирале за позициите и ги добиле – со вакви сертификати по англиски јазик, а потоа заработиле кривични пријави. „Слободен печат“ открива дека освен двете осудени директорки за фалсификување исправа кои признаа дека со лажни ТОЕФЛ сертификати од „Јулиа Цо. ЛТД“ биле на функциите, има уште вакви случаи и за нив Министерството за внатрешни работи активно постапува.
Препорачано
По извршените проверки во надлежните организациски единици и согласно податоците со кои располагаме, ве информираме дека во периодот од 1 јануари 2020 година до 30 октомври 2024 година се добиени вкупно шест пријави за лажни сертификати кои потекнуваат од „Јулија Цо. ЛТД Пловдив, Бугарија. Две пријави се од 2022 а четири од 2024 година. Се работи за сертификати за директори на пет основни и едно средно училиште, од кои по две училишта се на подрачјето на Скопје, Берово и Кочани. Во тек се мерки за расчистување на пријавените случаи, одговорија од МВР на нашето барање за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Во скопскиот кривичен суд, неодамна имаше разрешница на две други кривични пријави од МВР за истата работа. Во иста судска пресуда, две директорки признаа дека фалсификувале исправи за потребите на конкурсот за директор. Осудени беа на условни казни и признаа дека ги фалсификувале сертификатите за познавање на англиски јазик издадени од „Јулија Цо. ЛТД“ Пловдив Бугарија.
Од пресудата е евидентно дека судот не се занимавал со тоа од каде на две различни директорки во два различни градови Скопје и Дебар, сертификатите им биле фалсификувани баш со злоупотреба на името на една фирма оддалечена стотици километри од Македонија, во соседна Бугарија. Медиумот „360 степени“ во репортажа од Пловдив истражи дека на адресата каде што би требало да се наоѓа јазичното студио „Јулија“ има адвокатска канцеларија, а сопственичката Јулија Иванова Тодорова – со години не живее во Бугарија туку во Грција и сега е содружник во компанија за медијација.
Дополнителна индиција дека во Македонија имало мрежа за издавање вакви лажни сертификати за ТОЕФЛ со цел именувани лица формално правно да ја задоволат законската обврска да приложат уверение за познавање англиски јазик – е фактот што во МВР во моментов има уште 6 други кривични пријави и тоа за директорки на основни и средни училишта за три различни градови – Скопје, Кочани и Берово.
Зачестуваат пријавите со името на „Јулија“. Co LTD Пловдив, Бугарија на сертификати кај директори од различни градови во Македонија.
Факултетот за безбедност не го дава сертификатот по англиски на Христовски на „Слободен печат“
Скопското Обвинителство отвори предмет за сертификатот за познавање англиски јазик кој го доставил новиот директор на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски, за да биде именуван на оваа важна функција од страна на Владата. Обвинителството информираше дека добиле две анонимни кривични пријави, кои биле споени во една и обвинител постапува. Сертификатот по англиски јазик е услов за именување на директор на Агенцијата за национална безбедност согласно членот 10 од Законот за Агенцијата за национална безбедност.
Сертификатот по англиски на директорот Бојан Христовски, потекнува од „Јулија Пловдив Бугарија“ а истражните органи ќе проверуваат дали се работи за истото училиште од каде сертификат добиле двете осудени директорки, или пак се работи за друг правен субјект и сертификатот е валиден. Во пресудата каде двете директорки признале вина за фалсификување на сертификат по англиски од „Јулија Цо. ЛТД“ пишува дека судот им ги одзел како предмети кои настанале со извршување кривично дело.
Дека Христовски имал сертификат за ТОЕФЛ (Test of English as a foreign language) од истиот или од друг правен субјект со слично име во Пловдив Бугарија, јавноста дозна од Факултетот за безбедност. Таму Христовски аплицирал на конкурс за избор на асистент и кога факултетот му ја објави биографијата, стана јасно дека сертификатот е од некое правно лице кое во насловот го има името „Јулија, Пловдив“. Дали се работи за истото правно лице како она на осудените директорки, треба да открие Обвинителството. Во меѓувреме за Христовски се води и предмет пред Антикорупциската комисија по доставена пријава во која се бара антикорупционерите да проверат дали ги исполнува условите за именување.
„Слободен печат“ се обрати до Факултетот за безбедност во Скопје каде Христовски аплицирал на конкурс за асистент и побаравме да ни го достават неговиот ТОЕФЛ сертификат во фотокопија. Одговорот од Факултетот е дека тој не е информација од јавен карактер и дека не е од јавен интерес – и сертификатот не ни го дадоа.
Мицкоски во Собранието покажа папка со сомнителни сертификати по англиски од политичките опоненти
Сертификатот по англиски јазик на првиот човек на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски, пред две недели беше тема на пратеничките прашања во Собранието. Пратеникот Венко Филипче од говорница рече дека Христовски наводно, имал само 5 години стаж на раководни позиции и тоа можело да се види од податоци во Фондот за здравство, со што како што рече Филипче, Христовски не ги исполнува законските услови од членот 10 од Законот за АНБ за да биде именуван. Филипче го спореше и сертификатот по англиски што го приложил Христовски.
Документот што го приложил е од училиште во Пловдив Бугарија а во Пловдив воопшто нема TOEFL центар за тестирање. Значи за да стане директор свесно употребил фалсификуван документ и со тоа направил кривично дело. Нели, господине Мицкоски, ветувавте поразличен начин на работа? Нели мерит систем некој најавувате?, рече Филипче.
Мицкоски пак, од говорница тврди дека Бојан Христовски има 9 години стаж на раководни позиции.
Во врска со сертификатот по англиски јазик, Мицкоски направи неочекуван потег во Собранието – извади папка во која рече дека се наоѓаат „слични сертификати по англиски јазик од директорите назначени од СДСМ“ и дека тие ќе му ги даде на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
– Ќе ви дадам сличен сертификат од личноста која седи до вас. Знаете колку има такви сертификати?, рече Мицкоски што наиде на извикување и восхит од некои од пратениците во салата.

Мицкоски продолжи:
Немојте на тоа да правите политика, има институции во државава кои треба да водат сметка, овие сертификати ќе ги дадам на министерот за внатрешни работи.