Foto: skopje_2025@instagram

Македонија е без медал на 12 европски младински олимписки фестивали – ќе се промени ли тоа на Скопје 2025?

Тимовите од нашата земја досега настапиле на 12 изданија на Европскиот младински олимписки фестивал, а во тие настапи не освоиле ниеден медал. На претстојното издание на овие натпревари, Скопје 2025, во јули, Македонија би требало да ја прекине оваа негативна традиција. Нашите соседи се главно многу подобри

Македонија досега нема освоено ниеден медал на своите 12 настапи на Европските младински олимписки летни фестивали, а има добра шанса ова да го промени во позитивна насока на претстојните вакви младински игри што ќе се одржат во Скопје и во Куманово годинава.

Досега Македонија настапуваше со тимови од по тројца-четворица спортисти на овие летни спортски настани наменети за млади спортисти од 14 до 18 години.

Летово нашата земја како домаќин ќе има тим од околу 200 учесника и ќе учествува во сите спортови. Така шансите да освоиме медал(и) во повеќе спортови како домаќини ни се зголемуваат.

Европскиот младински олимписки фестивал Скопје 2025 ќе се одржи од 20 до 26 јули, на програмата се 15 екипни и поединечни спорта, а ќе има околу 4.000 учесници (2.500 натпреварувачи) од педесетина нации.

Ова ќе биде најголем спортски настан организиран во Македонија, а водедно и шанса за нашите млади спортисти да освојат и медал(и), што досега не им поаѓаше одрака.

Соседите се подобри од нас

Повеќето од нашите соседни земји во регионов имаат освоено медали на овие фестивали на кои се калат идните олимписки, светски и европски медалисти. Така Словенија има вкупно 105 медали, Хрватска има 82, Србија како самостојна има 55 медали, Бугарија 45, Грција 62, БиХ има седум медали, Црна Гора има пет, Косово и Албанија по еден медал. Медали имаат и земји како Андора (1), Малта (1), Луксембург (5).

Македонија ја нема во оваа вкупна листа медали, што е поразителен факт за нашиот спорт. Но, треба да се искористи организациската улога да дојдеме конечно и до трофеј од овие натпреварувања.

Инаку, најдобро пласирана нација според вкупната табела на вкупно освоени медали е Русија со 596 трофеи пред Британија (420) и Италија (429)… На табелата има 48 нации.

Отсткочна штица за идните ѕвезди

Европските младински олимписки фестивали имаат долгогодишна традиција што започнува од 1991 година (Брисел), а се под капата на Европскиот олимписки комитет.

Тоа е врвен европски настан за спортисти од 14 до 18 години. Повеќе ѕвезди ги направиле своите први чекори на меѓународната сцена на овие настани.

На Скопје 2025 (вкупно 18. издание на ЕМОФ) ќе има натпревари во спортовите атлетика, бадминтон, кошарка, баскет 3х3, кану слалом, велосипедизам, ракомет, џудо, пливање, стрелаштво, пинг понг, теквондо, одбојка, планински велосипедизам и гимнастика.

ФОТО | Mинистерот Борко Ристовски ја даде својата поддршка на организаторите на ЕМОФ 2025

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот