Фото: Охрид СОС

Мајстори пак работат на хотелот-дивоградба во Лагадин, алармираат екологистите

Еколошката граѓанска иницијатива „Охрид SOS“ денеска откри дека на оспоруваниот хотел-дивоградба во туристичката населба Лагадин, нејзините активисти забележале мајстори кои изведуваат градежни активности.

На сликите кои иницијативата ги објави на Фејсбук, се гледаат луѓе на објектот, а за нив од „Охрид SOS“ велат дека кои од иницијативата посочуваат дека работат на хотелот, кој со години предизвикува контроверзи. И по неколку издадени решенија од Општина Охрид за уривање на дивата градба, инвеститорот повеќепати се обидуваше да продолжи со изградбата.

Од „Охрид SOS“ појаснуваат дека во извештајот за состојбата на природното и културно наследство на Охридскиот Регион доставен пред еден месец до УНЕСКО од Министерството за култура како одговор на препораката на Реактивната мониторинг мисија на ОН од 2020 година, е спомнато дека Националниот парк „Галичица“ изготвил инвентар на нелегално изградени објекти со листа приоритетни градби за отстранување иако, според „Охрид SOS“, такво нешто во јавноста не било споделено.

Меѓу другото, во препораките на Реактивната мониторинг мисија, како петта точка се бара забрзување на административните постапки за да се постигне уривање на посочениот недовршен хотел во Лагадин.

Токму поради тоа, тие преку објавата ја информираат министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која е и претседател на Националната комисија за УНЕСКО, дека она што e напишано во извештајот не соодветствува со реалната состојба на терен.

Дополнително од „Охрид SOS“ се посочува дека нема ажурирана карта со урнати дивоградби, а онаму каде е забележана извесна активност, истите објекти после извесно време се доградени и повторно функционираат.

-Нема листа на приоритети за уривање и за општините Струга и Дебрца, јавноста не ни знае колку вкупно објекти во тие општини се нелегални градби. До кога ќе се лаже и прикрива дека постои некаква кооперативност од македонска страна? Зошто не започна исполнување на листата барања која ви ја доставивме кон крајот на минатата година, а која од нас ја побаравте?…, се посочува меѓу другото во денешниот статус објавен од „Охрид SOS“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот