„Мајскиот“ договор на маса пред Мицкоски, следен услов на Европскиот фронт за двотретинска поддршка

Али Ахмети, Христијан Мицкоски, Фото: Фејсбук Ахмети

Следната средба меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Фронтот се планира по формирањето на владата на Мицкоски, кога од опозицијата на маса ќе биде барањето да се озакони „мајскиот договор“, односно идните влади да ги формираат победниците во македонскиот и во албанскиот политички блок, односно влада со Бадентер, дознава „Слободен печат“

Двотретинската поддршка од Европскиот фронт за реорганизација на владата – проект на идниот премиер Христијан Мицкоски и формирањето на ад-хок телото за следење на правичната застапеност во институциите, што е барање на Фронтот, е само почеток на соработката или на дијалогот помеѓу власта и опозицијата, брифираат од Фронтот.

Иако ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека имаат обезбедено двотретинско мнозинство за поддршка на законот за реорганизација на министерствата, кој се донесе по скратена постапка во саботата рано наутро, неговото изгласување со помош на гласовите од Европскиот фронт го потврди спротивното.

Конституивна седница во собрание / Фото: Драган Митрески/Слободен печат
Конституивна седница во собрание / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Според информации на „Слободен печат“, следната средба меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Фронтот се планира по формирањето на владата на Мицкоски, кога од опозицијата на маса ќе биде барањето да се озакони „мајскиот договор“, односно идните влади да ги формираат победниците во македонскиот и во албанскиот политички блок, односно влада со Бадентер. Дали финалето на веќе почнатиот „конструктивен дијалог“, како што соопштија двете партии по гласањето на Законот за реорганизација на министерствата, ќе финишира со заедничка концентрациска или техничка влада што ќе ги донесе уставните измени, од Европскиот фронт засега се воздржани.
Од ВМРО-ДПМНЕ демантираат дека ќе има следни средби и велат дека состанок со претставници на Европскиот фронт имале само во врска со законот за реорганизација на владата.

-Нема да има следни средби. Таа што беше, беше за законот. Нема таква работа за „мајскиот договор“, времето ќе покаже – вели за „Слободен печат“ висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ.

Конституивна седница во собрание / Фото: Слободен печат - Драган Митрески
Конституивна седница во Собрание / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Поддршката на законот, опозицијата ја коментира како отворање пат за влез во влада. Оттаму брифираат дека во Фронтот првично имало разидување дали да го поддржат законското решение. Пратениците на Алијанса на Зијадин Села не го гласаа Законот, но сега брифинзите се дека разногласието било зашто барале повеќе време да го разгледаат предлогот за реорганизација. На инсистирање на ДУИ, Фронтот одлучил да обезбеди двотретинско мнозинство, а за возврат ќе добијат собраниска комисија која ќе ги следи рамковните вработувања. Европскиот фронт е едногласен дека е потребен дијалог со владејачката ВМРО-ДПМНЕ, или како што велат „воспоставен е дијалог помеѓу легитимните победници“. 

 

– На крај на процесот на конструктивниот дијалог очекуваме реализација на уставните измени за влез на Бугарите. На маса ќе биде да се озакони победникот во македонскиот блок да формира влада со партијата или коалицијата кај Албанците, или влада со Бадентер. Идејата е на ВМРО-ДПМНЕ да не ѝ се повтори 2016 година кога, иако победија, влада формираше СДСМ. Наше барање е да не се повтори 2006-2008 и 2024 година, односно актуелната ситуација. Поентата е мандатарот да разговара за влада со партијата или коалицијата која го има легитимитетот од гласачите – вели висок функционер од Европскиот фронт.

Оттаму додаваат дека проблемот за тоа кој треба да влезе во владата произлегува од практиката, па идејата е да се воспостави „автентичен македонски модел“ за влада.
Според наши информации, средбата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Европскиот фронт е подготвувана речиси еден месец, а главен актер бил лидерот на ДПА Мендух Тачи.

Мендух тачи, Илир Мета, Фото: Фејсбук Мета

Пред една недела Илир Мета објави фотографија од средбата со Тачи во Тиана. Поранешниот албански претседател под фотографијата напиша:

„ Ја делиме истата благодарност дека да се биде во опозиција е многу голема мисија“.

 

Тој претходно ја поддржа ВМРО-ДПМНЕ и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Неофицијално, и ставот на Тачи е дека не е катастрофа да се биде опозиција и дека опозициското дејствување го смета како мисија. Ова се толкува дека Европскиот фронт прифатил да дејствува опозициски и дека „битката за легитимитетот“ ќе ја туркаат, преку, како што велат, веќе формираните работни групи помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Фронтот.

– Ако оди како што треба, ќе се стаса каде што треба – е коментарот на функционер од Фронтот.

Од друга страна, ако Европскиот фронт го продолжи дијалогот со ВМРО-ДПМНЕ, би требало да дејствува како конструктивна опозиција што нема да го бојкотира Собранието и институциите, ниту, пак, преку протести ќе го манифестира револтот зашто остана надвор од власта. Сепак, тоа ќе зависи од натамошните средби меѓу власта и опозицијата и дали и кои од барањата на Европскиот фронт ќе добијат поддршка од ВМРО-ДПМНЕ.

Ад-хок комисијата за следење на правичната застапеност се очекува веднаш по формирањето на новата влада да излезе со оцена за застапеноста на заедниците во извршната власт, почнувајќи од министрите, замениците министри, државните секретари, директорите, па до застапеноста на локално ниво.

Мицкоски, пак, иако најави дека многу скоро ќе го објави составот на новата влада, според информации од власта, тоа ќе се случи најверојатно следната недела. Неофицијално, планот на мандатарот е да го затвори целиот пакет со потенцијалните владини партнери – „Вреди“ и Движењето ЗНАМ – од првиот ешалон до директорските позиции, по што ќе го објави новиот владин состав.

Мицкоски – доделување мандат/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Разговорите тешко одат за распределбата на директорските позиции, додека од ЗНАМ ни потврдија дека сè уште не ги доставиле до Мицкоски ниту кадровските решенија за министерствата за правда и за администрација, што според шпекулациите треба да им припаднат ним. Нема информации ниту колку заменик-министерски позиции ќе добие ЗНАМ.
Претходно од „Вреди“ потврдија дека од владиниот колач добиваат шест министри и вицепремиери, седум заменик-министерски позиции и голем број директорски функции.
ВМРО-ДПМНЕ сè уште не прецизира кој од потпретседателите Александар Николоски и Владо Мисајловски ќе седнат во министерските фотелји на одбрана, односно транспорт и врски. Извесно е дека Тимчо Муцунски ќе го предводи МНР, Панче Тошковски – МВР, додека Гордана Димитриевска-Кочовска ќе раководи со финансии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот