
Луцидна промоција на книгата „Вдахновенија“ од Атанас Конески со мудри мисли и топли зборови
Шестото дополнето издание на книгата „Вдахновенија – Ковчеже со мудрости“ од Атанас Конески на 17 мај во КИЦ – Скопје беше промовирано со луцидно подготвено сценарио и со вдахновено дружење.
Препорачано
Ретки се луѓето што умеат сопственото задоволство да го споделат со сите околу себе, бидејќи само на тој начин себеси се чувствуваат среќно и исполнето. Еден од тие ретки луѓе е Атанас Конески. Покрај неговата непосредна и безрезервна посветеност на зачувувањето и продолжувањето на тестаменталното дело на великанот Блаже Конески, тој успева да најде мотив, повод и енергија за своето животно дело.
Станува збор за серијата книги со наслов „Вдахновенија“, чие шесто дополнето издание беше промовирано на 17 мај во КИЦ – Скопје. Не случајно Венко Андоновски за Атанас Конески напишал дека тој е исклучителен интелектуалец, менаџер, бизнисмен, естетофил, книгољубец и над сѐ, остроумец и благословец. Во таа смисла, промоцијата на новото издание беше остварена со збор, слика и музика.

– Збирката искази, убави мисли, животни вистини, собирани, обмислувани, ослушувани во секојдневниот живот, промислени и споделени низ многуте семејни, пријателски, работни средби со драги луѓе, пријатели, позајмени од таму со испиено кафе, со споделена трпеза, со весела дружба, стануваат животна, а со тоа и професионална и лична определба на Атанас Конески – посочи професорката Весна Мојсова Чепишевска.
За сегментот музика на промоцијата беше задолжена младата и суперталентирана вокална солистка Ана Петановска, додека за визуелниот ефект на промоцијата беше задолжено семејството на Атанас Конески, односно неговите внуци. За мудростите собрани во „ковчежето на мудрости“ зборуваше и долгогодишниот пријател на Атанас, Цане Т. Мојаноски.

– „Вдахновенија“ од Атанас Конески, по шести пат, пред љубопитната читателска јавност, ни нудат мудра мисла, топол збор, подадена рака, во која радоста и среќата се дел од нас, од искреното пријателство, од другарството. Во неа се вградени пораки исковани со мисла, збор и восклик за времето, животот и луѓето. Таа се нуди како духовен дар од кој можат да се восприемаат, позајмуваат, понесуваат и поклонуваат изреки, поговорки, сентенции, афоризми и сконцентрирани мисли впрегнати во обидот да се погледне во длабочините на животот, да се исцртаат патиштата на вознесот, да се мотивираат и поттикнат дамарите, да се пронајде утеха и видение кон нешто ново, што нѐ придвижува и афирмира, што е своевидна благодарност кон тие кои ни го отвораат умот, ни ја разбиструваат мислата, ни го просветлуваат духот, ја растреперуваат пајажината на срцето – рече промоторот Цане Т. Мојаноски.
Книгата е објавена во издание на „Култура“. Мудри мисли од најновите „Вдахновенија“ прочита популарниот ТВ-водител Огнен Јанески. Шестото издание на „Вдахновенија“ е објавено по повод 75 години живот на Атанас Конески и 50 години брак со неговата сопруга, а е посветена на нивните деца и внуци.
Пораката што со „Вдахновенија“ ја остава Атанас Конески гласи: „Внимавај на твоите чувства, оти од нив ќе произлезат твоите зборови; Внимавај на твоите зборови, оти од нив ќе произлезат твоите постапки; Внимавај на твоите постапки, оти од нив ќе произлезат твоите навики; Внимавај на твоите навики, оти од нив ќе произлезе твојот карактер; Внимавај на твојот карактер, оти од него ќе произлезе твојата иднина.“
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 179, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.5.2023)