
Лончар за „Слободен печат“: Граѓаните не смеат да го понесат најтешкиот товар од инфлацијата, мерки сега и веднаш!
Сега на пазарот повторно гледаме голем пораст на цените на основните производи. Затоа, одлуките на властите не треба да бидат задоцнети, туку навремени. Дали ќе ги ограничат цените, што беше поуспешно од ограничувањето на маржите, треба да биде со подолготраен ефект, вели Лончар Велкова за „Слободен печат“
Државата тврди дека инфлацијата се намалува, а на терен речиси и да нема производ што не е поскапен. Есента е на праг, се најавуваат нови цени, а граѓаните се во недоумица што да скратат од нивните и онака ниски плати. Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организацијата на потрошувачи на Македонија, е децидна дека е време да се делува за да не го понесат граѓаните најтешкиот товар од инфлацијата. Таа апелира дека се потребни подобро осмислени владини мерки за ограничување на цените, за сите да може да се прехранат.
Препорачано
– Секако дека мерките што беа воведени лани дадоа одреден резултат, но беа краткотрајни, а ние предвидовме дека цените ќе растат по одмрзнувањето на маржата. Сега на пазарот повторно има голем пораст на цените на основните производи. Затоа, одлуките на властите не треба да бидат задоцнети, туку навремени. Очекуваме дека во оваа ситуација бргу ќе реагираат и ќе применат соодветни мерки. Кои мерки ќе ги употребат, дали ќе ги ограничат цените, што се покажа поуспешно од ограничувањето на маржите, треба да даде подолготраен ефект, оти по краткорочната примена, потоа спиралата на покачување да оди во недоглед – вели Лончар Велкова за „Слободен печат“.
Претседателката на ОПМ смета дека не смееме да бидеме индиферентни и на зачестените вести за производи со минат рок, кои се дури и антидатирани, а посочува и дека од европските регулатори стигнуваат вести за храна со премногу пестициди, недозволени хемикалии и слично… На прашањето може ли македонските граѓани да бидат сигурни во производите што ги купуваат, односно дали сè што е забрането се уништува или завршува на нашите трпези, таа оценува дека „имаме развиен систем за проверка, но секако можат да се пласираат производи што не се безбедни“.
– Познато е дека ЕУ има многу високи стандарди за безбедност на храната што во голема мера се должи на силното европско законодавство. Како дел од алатките за безбедност на храната, беше воспоставен Системот за брзо предупредување за храна и добиточна храна (РАСФФ) за да се поддржи брзата реакција на властите за безбедноста на храната. Ние како држава сме поврзани со овој систем и сме предупредувани за небезбедните производи што би можеле да се најдат, а и се наоѓаат во продажбата, од каде што се повлекуваат доколку се утврди дека не се безбедни. Целосна безбедност е тешко да се воспостави, а нечесна пазарна практика применуваат и трговците што на ознаката за рокот на употреба налепуваат други ознаки, при што потрошувачот се доведува во заблуда и може да консумира производ со поминат рок што исто така не е безбедно – објаснува Лончар Велкова.
И тоа е само една димензија на проблемот, па таа предупредува дека сè уште е нерешен проблемот со продажбата на овошје и зеленчук на автопатиштата, или, пак, на прометните булевари по што тие дополнително се загадуваат преку издувните гасови.
– Што е со полевањето на зеленчукот со нечиста или со загадена вода, кое на нашите трпези носи производи што не се безбедни. Ние самите тешко можеме да се заштитиме, доколку инспекциите не се на терен и не проверуваат – додава таа.
Од ОПМ посочуваат и дека најмногу потрошувачи се жалат на проблемите со производите од бела техника, техничките апарати, како и производите за дома. Се издвојуваат машините за перење, шпоретите, инвертер-климите и фрижидерите, а кај поголемиот дел од нив, врз основа на тврдењето на потрошувачот, постоел недостаток при првото вклучување, како и чекање подолг период за сервис итн.
– Добивме и поплаки за високите сметки за електричната енергија што потрошувачите сметаат дека не ја потрошиле, потоа следуваат телекомуникациските услуги, поради намалена брзина на интернет, исклучување на телевизиски канали, дефект на мрежата. Незадоволни потрошувачи имаше и кај топлинската енергија и водоводните услуги – набројува Лончар Велкова и оценува дека е добро што во споредба со претходните години, не е забележан пораст на поплаките.
Многу незадоволни граѓани, ама малку тужби за туристичките агенции
Повеќето спорови се решаваат спогодбено со организаторот на патувањето, забележува претседателката на ОПМ во одговор на прашањето дали граѓаните се жалат на туристичките услуги, ги тужат ли агенциите и како воопшто ги остваруваат своите права.
– Немаме увид колку спорови се поведени за различни проблеми при неисполнување или делумно исполнување на туристичките аранжмани.
Доколку проблемот не е решен во текот на патувањето, патникот има право да поднесе писмен приговор до агенцијата во рок од 8 дена по враќањето од патувањето. Покрај правото на патникот да бара да му се вратат парите за дел од услугите што не се извршени, тој може да бара и надоместок на материјална и нематеријална штета доколку докаже дека штетата навистина настанала поради пропусти на агенцијата. Секако, Државниот пазарен инспекторат постапува по поплаката на потрошувачот доколку е незадоволен од одговорот на операторот по доставениот приговор. Се разбира, патникот може и да тужи на суд, што помалку се користи заради висината на судските трошоците, вели Лончар Велкова.