
Љупче Михајлов: Бронзата од ЕП е мотивација за уште подобар настап и борба за злато на СП
Македонското карате продолжи да реди успеси и да освојува медали на големите натпреварувања, а последен кој се закити со медал е Љупче Михајлов и тоа со бронзениот медал на Европското првенство за кадети, јуниори и младинци што минатата недела се одржуваше во Прага, Чешка.
Препорачано
Михајлов во категоријата до 68 килограми во јуниорска конкуренција, оствари четири победи, но во полуфиналето десетинки го делеа од триумф над каратистот од Португалија, Гиљерме Гонкалвеш. Сепак, во борбата за бронзениот медал, Михајлов ја потврди својата класа и со 3:1 во поени го совлада Италијанецот Рамос.
– Презадоволен сум од настапот на ЕП во Прага иако знам дека можев повеќе да сторам во полуфиналето. Сепак и заморот си го стори своето бидејќи имав четири борби и само пет минути одмор пред полуфиналето. И покрај поразот во полуфиналето, успеав да освојам медал кој ќе ми претставува дополнителен мотив за уште понапорно да работам и тренирам и на следниот предизвик да одам по златото – вели Михајлов за „Слободен печат“.
Младиот каратист на КК Штип кој е расадник на талентирани каратисти кои работат под капата на тренерите Сашко и Жарко Арсовски кои и самите се освојувачи на медали на Европски и Светски првенства, сепак жали за полуфиналната борба против Гонкалвес (1:1) во која помалку од десетинка од делеше од триумф.
Португалскиот каратист се пласира во финалето на ЕП само поради тоа што прв освои поен, додека 2 десетинки го делеа Михајлов од одземање на тој поен поради неактивност. Имено, доколку противникот што освоил прв поен – сеншу, во последните 15 секунди од борбата биде неактивен, му се одзема предноста и го губи поенот.
– Ух, жалам малку поради таа полуфинална борба бидејќи погрешив што дозволив противникот прв да освои поен. Тој освои сеншу кој ќе го загубеше во финишот од борбата. Ми недостасуваа само 2 десетинки за такво нешто. Но, што е тука е, сепак освоив медал иако сигурно ќе беше далеку поголем успех да се пласирав во финалето – вели младиот каратист на КК Штип.

Михајлов очекува тоа што „го загуби“ на ЕП во Прага, да го оствари на следното големо натпреварување, Светското првенство за кадети, јуниори и младинци што од 26 до 30 октомври ќе се одржи во Коња, Турција.
– Очекувам на СП во Коња да се пласирам во финалето. Знам дека конкуренцијата ќе биде пеколна, но имам неколку учества на Европски првенства, државен шампион на Македонија сум и одам на финале на СП. Дотогаш ќе тренирам напорно за да бидам што поподготвен.
Оптимизмот кај младиот каратист е голем и поради тоа што во тимот КК Штип заедно тренира и со најдобриот македонски каратист во моментов, светскиот вицешампион Емил Павлов кој сигурно со своите совети и искуство ќе му биде од голема помош. Исто така тука се тренерите Сашко и Жарко Арсовски кој со својата работа покажаа дека знаат како да создадат шампиони.
– Со Емил Павлов кој е светски вицешампион заедно тренираме и тој ми е вистински пример. Постојано е тука за мене со совети бидејќи има големо искуство од настапи на Европски и Светски првенства. Без тренерите Сашко и Жарко Арсовски без тренерите никогаш не би го постигнал овој успех. Тренирам од 2012 година и тие ми се огромна поддршка. Тие исто така се освојувачи на медали и знаат како се постигнуваат успеси и се надевам дека ќе ги следам нивните чекори како и на Емил. Благодарение на напорните тренинзи, укажувањата на секоја грешка, мотивираноста денес успеав да освојам медал. Сакам да им изразам огромна благодарност на моите тренери уште еднаш – вели Михајлов.
Тренерите Сашко и Жарко Арсовски и со Љупче Михајлов покажаа дека знаат како да создадат големи шампиони како што претходно беше случај и со Емил Павлов, но за да продолжат нивните каратисти да носат медали од меѓународни натпреварувања, потребна е и поддршка од Карате федерацијата на Македонија, која овој пат изостана.
– КФМ има одредба со која треба да се рефундираат парите на тие што ќе освојат медал. Но, Федерацијата и сега со Михајлов како и претходно, не ги има исполнето своите обврски. Настапите на карате репрезентацијата на Македонија на меѓународни натпреварувања мора да бидат покриени од страна на Федерацијата – велат Сашко и Жарко Арсовски.