мобилен телефон
Фото: Unsplash / Jonas Leupe /

Љубоморен Хрват по 40 пати на ден ѝ се јавувал на бившата сопруга, ѝ испратил 11.000 пораки

42-годишен жител на хрватската област Славонија доби кривична пријава за наметливо однесување и закани кон поранешната сопруга – според обвинението, тој за девет месеци лани, од јануари до октомври, повеќе од 6.000 пати ѝ се јавил на жената, а ѝ испратил и преку 11.000 СМС-пораки, јавија локалните медиуми.

Во бројните пораки, од кои испраќал во просек по 40 на ден, тој ѝ изјавувал љубов на бившата сопруга, ја повикувал да се врати кај него и да живее заедно со децата како семејство, но ѝ ја навредувал, ја пцуел, велел дека не се грижи за децата и ѝ се заканувал дека ќе ги убие нејзе и децата.

Осомничениот наметлив поранешен сопруг секојдневно одел кај жената на работа и набљудувал со кого таа се дружи и разговара, ја следел во автомобилот кога излегувала од работа, а од повисоките згради со двоглед го набљудувал дворот од куќата во која живее. Тој упорно и подолг временски период ја демнел жената и се обидувал да воспостави несакан контакт со неа, при што ѝ предизвикал вознемиреност и страв за нејзината безбедност, велат обвинителите.

Лани во септември, обвинетиот рано наутро се јавил по телефон кајнеговата малолетна ќерка и, веројатно за да ја исплаши поранешната сопруга, ѝ кажал „сите ќе ве убијам на спиење“, се вели во обвинението.

Осомничениот на распитот изјавил дека не следел никого, а пораките ги праќал неговиот син, со оглед на тоа што мобилниот телефон им бил заеднички. Рече дека само заради децата ѝ се јавувал на поранешната сопруга, а таа доаѓала кај него да зајми пари.

Оштетената им потврдила на истражителите дека нејзиниот поранешен сопруг сторил сѐ што е наведено во обвинението, а се плашела од него затоа што повеќепати и рекол дека доколку поради неа заврши во затвор, ќе се врати од затвор и дека „само ќе види што ќе ѝ направи“.

Во случајот се очекува пресуда.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот