
Лиз Трас – Почеток на крајот?
Притисокот врз Трас расте, а многумина сметаат дека таа ќе урне еден невкусен рекорд – премиер со најкраток мандат.
Премиерката на Велика Британија, Лиз Трас секојдневно се соочува со огромни притисоци. Нејзиното доаѓање на власт во еден исклучително тежок момент за Британија може да значи еден голем пораз за британските Конзервативци. Економските предизвици ја втурнаа Трас во еден вид ќор-сокак, од кој нејзиниот крај би можел да биде ужасен, сметаат британските аналитичари.
Препорачано
Набљудувачите на политичката сцена во Даунинг стрит, сметаат дека смртта на кралицата Елизабета Втора „ѝ купи“ време на Трас, но сè поголемиот притисок врз лидерката на Конзервативната партија ги поттикна Британците да размислуваат за животот по неа.
Еден од најпопуларните и најрелевантни британски весници „Економист“ во една објава иронично оцени дека Трас веќе „влегла во британската историја“. Како што пишува весникот, колку и долго да остане на власт, Трас ќе биде запамтена како премиерка што во најкраток можен период ја „експлодирала сопствената влада“ со пакетот мерки за стабилизирање на веќе погодената економија.
Експертите сметаат дека што и да направи сега, Трас нема да може да ги стабилизира пазарите. И покрај тоа што таа го смени планот за намалување на даноците за оние кои заработуваат најголема плата и донесе подетален извештај за буџетот за речиси еден месец, Банката на Англија повторно беше принудена да се вклучи во обидот да се стабилизира турбуленцијата на пазарот.
Бриселско „Политико“ пишува дека британската премиерка сега е „во паника“ и дека „може да донесе било каква одлука за да ја смири ситуацијата со пазарите“.
Оваа среда, таа одговараше на пратеничките прашања во британскиот парламент. Осудувана од опозициските Лабуристи, таа вети дека може да ја однесе економијата на вистинскиот пат и ги повика Конзервативците „да ѝ веруваат и да ја поддржат“.
Економистите скептични
Британските економисти се скептични околу политиките на Трас и Квартенг, велејќи дека „нема шанси“ да се остварат нивните планови, односно да се добие економски раст од 2,5% во следниве неколку години, оценувајќи го тој план како „герила тактика“, пишува познатиот весник „Гардијан“.
Тие ваквите планови ги оценија како „речиси невозможни“.

Како што пишува „Политико“ сега во тек е трката на Квартенг и министерството за економија да најдат начин како да го вратат кредибилитетот до крајот на октомври, кога ќе треба да објаснат како ќе се плаќаат даночните намалувања.
„Навистина е тешко да се види како можеш да имаш еден нејасен испорачлив план и да го вратиш под контрола“, рече Џил Ратер, поранешен министер за финансии на Британија.
„Дајте ни шанса“
Министерот за надворешни работи на Британија, Џејмс Клеверли, во интервју за Би-Би-Си изјави дека смена на Лиз Трас би била „катастрофална грешка“ за Британија.
Тој ги повика Британците да дадат шанса на новата премиерка, бидејќи имала само 37 дена на власт.
Според Клеверли, Трас не е виновна за актуелната економска криза, тврдејќи дека проблемите се „насобрале“ уште поодамна.

Историски подем на Лабуристите
Сето ова идеално го искористуваат Лабуристите. Нивниот лидер Кир Стармер ужива сè поголема популарност кај Британците, барем така велат анкетите.
Незадоволството кај Трас и кај министерот за економија Кваси Квартенг расте секојдневно. Британците не веруваат во нивните политики, пишува британски „Економист“.
Ова може да значи политичка промена во Британија.
Опозицијата ја обвини Трас дека се обидува да ги скрати примањата на обичните граѓани и дека нејзината политика е „правилно да ги искористи парите на Британците“.
Премиерката ги отфрли ваквите наводи како „неточни“.
„Економист“ оценува дека Трас е „заробена“. Весникот смета дека финансиските пазари и нејзината политика веќе и ја оштетија нејзината функција и имиџ.
Тивок подем на Лабуристите пред Конзервативците во британските анкети