Мицкоски, Филипче Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Линиите на Мицкоски „поцрвени“ од тие на Филипче – На премиерот на памет не му паѓаат уставни измени без гаранции

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека прифаќа само македонски црвени линии, повтори дека во резолуцијата на СДСМ има историски фалсификати и ја обвини опозициската партија дека продолжува да ги подрива позициите на Владата и на државата.

Кратко траеше надежта на СДСМ дека ВМРО-ДПМНЕ не ја отфрла нивната резолуција и црвените линии. Премиерот Христијан Мицкоски е категоричен дека без гаранции, на памет не му паѓа да размислува за какви било уставни измени за внес на Бугарите во Уставот и рече дека прифаќа само македонски црвени линии. Тој повтори дека во резолуцијата на СДСМ има историски фалсификати и ја обвини опозициската партија дека продолжува да ги подрива позициите на Владата и на државата.
Од партијата на Венко Филипче соопштија дека е добро што ниедна од партиите, ниту ВМРО-ДПМНЕ, не ги отфрла црвените линии ниту чекорите од планот што го предложи СДСМ.

Мицкоски не ја разбира опозицијата

– За жал, и ова раководство на СДСМ ја продолжува практиката на претходните раководства на СДСМ да ги урива позициите на македонската влада и на државата, да ги распродава идентитетските и националните приоритети од, за мене, неразбирливи причини. Ако на времето тоа го правеа за да се одржат на власт, за да можат да ги злоупотребуваат институциите и ресурсите на државата, некако и ги разбирав. Сега не ги разбирам од опозиција зошто мора да ги подриваат позициите на Владата, која грчевито се бори тоа што тие го распродадоа да го поправи и на меѓународен и на домашен план – рече Мицкоски.

Тој рече дека таканаречената резолуција за црвените линии на СДСМ и текстот ќе се разгледуваат по локалните избори и повтори дека таа содржи историски фалсификат, односно дека во годината кога славиме 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик, тие во резолуцијата наведуваат дека тој во Обединетите нации бил прифатен во 2019 година.

– Не знам што да кажам. И веќе кажав, во 2005 година не доби Северна Македонија дата за почеток на преговорите, туку доби Република Македонија. Тоа се историски фалсификати. Јас не знам до кога овие луѓе ќе се служат со историски фалсификати – рече премиерот.

Христијан Мицкоски Фото: Фејсбук Мицкоски

Тој повтори дека позицијата на Владата е јасна и дека не ги игнорираат обврските што Владата на СДСМ ги прифатила, но исто така не гледаат дека нашиот источен сосед прави нешто во насока на испорака на нивните обврски и дека очекува поробусна акција од ЕК и ЕУ и кај нашиот источен сосед, односно кај нивниот партнер во рамките на европското семејство, затоа што сме виделе во минатото многупати дека кога се сакало, се можело.

– Ние имаме јасна позиција, гаранции што ги спомена претседателот на Европскиот совет, бидејќи македонскиот народ и граѓаните на Македонија, без разлика на етничката припадност, многу дадоа во име на таа европска иднина на државата како ниеден друг народ во Европа. Без такви гаранции, на памет не ми паѓа да размислувам за какви било уставни измени – дециден е Мицкоски и додаде дека кога ќе види подготвеност од другата страна, Владата е подготвена да седне и да разговара.

За соопштението на СДСМ дека за ВМРО-ДПМНЕ се прифатливи црвените линии во резолуцијата, премиерот рече:

– Не би го коментирал тоа, може да растураме пердуви колку сакаме, ниту сме прифатиле негови црвени линии, јас прифаќам македонски црвени линии – рече Мицкоски.

Венко Филипче / Фото: Слободен печат – Слободан Ѓуриќ

СДСМ соопшти дека по објавената резолуција со црвените линии, добро е што ниедна од партиите, ниту ВМРО-ДПМНЕ, не ги отфрла црвените линии ниту чекорите од планот кој го предложил СДСМ. Уште еднаш нагласуваме дека самата резолуција е во заеднички национален и државен интерес, ги содржи сите потребни одредници за заштита на македонскиот јазик, идентитет, историја и култура и предвидува јасни државни позиции и чекори во однос на евроинтегративниот пат – потенцира СДСМ.
За коментарот на Мицкоски дека има „лажни и неточни историски факти“, од опозициската партија велат дека такво нешто во резолуцијата нема. Од партијата повторија дека се отворени за сите конструктивни забелешки на партиите и сите политички чинители.

Кржаловски: Најголемиот проблем кај нас досега е постигнувањето на консензус

Политичкиот аналитичар Александар Кржаловски за „Слободен печат“ вели дека најголемиот проблем кај нас досега, а и сега, останува постигнувањето на консензус за што било, а особено за најзначајните прашања што политичарите најчесто ги нарекуваат „државни“ или „национални интереси“, иако дел од нив и не знаат што се подразбира под нив, а и тие што мислат дека знаат, всушност подразбираат различни работи.

– Не случајно на зградата на бугарското Собрание стои слоганот „Соединението прави силата“, или кај Србите познатите 4С значат „само слога Србина спашава“, или, пак, дека имињата на последните две големи „империи“ почнуваат со зборот јунајтед (Соединетите Американски држави и Обединетото Кралство). Ние како да не разбираме дека поделеноста, поларизацијата, ги поткопува или и целосно урива нашите позиции во меѓународните односи и, следствено, станува уште потешко тие фамозни национални интереси да се одбранат, па и да се сочуваат – вели Кржаловски.

Александар Кржаловски, МЦМС / фото: ИМА/скриншот/Јутјуб

Според него, ова се покажало и во претходните инстанции во однос на евроинтеграциите – со Преспанскиот договор, а потоа и со т.н. „француски предлог“, кога се прифатија „државни позиции“ од тогашните влади, без претходно да се постигне тој толку неопходен национален консензус, иако се направиле почетни обиди во двата случаи, но брзо се отстапило од тоа и се отишло на решенија за кои било јасно дека се неприфатливи за некои од најрелевантните партии, а со тоа и со голем дел од населението. Што потоа се потврди и со анкетите, каде што мнозинство од граѓаните и големо мнозинство од етничките Македонци се изјаснија против тие решенија.

– И во овој случај, истиот проблем излегува на виделина… со критики и отфрлање на предложената резолуција на СДСМ. Една причина е што таа се објави како предлог на една партија, без да бидат консултирани во подготовката другите партии, па очекувано беше дека ќе биде „торпедирана“. Второ, резолуцијата се заснова и се повикува на неколку претходни документи, кои меѓусебно се исклучуваат. Имено, последните две наведени (заклучоците од Собранието за прифаќање на „францсукиот предлог“ и за „Преговарачката рамка“) не се во целосна согласност со документот споменат пред нив – Резолуцијата од 2021 за „македонските црвени линии“… па не е јасно на која од контрадикторните основи се повикува авторот на резолуцијата. Трето, во првичните коментари, се укажува и на некои неточности во тие повикувања, што секако не смее да остане така во конечната верзија на документот. Сепак, добро е што ваква иницијатива се појави и што поттикна и кај владејачката ВМРО-ДПМНЕ реакција – да излезе по изборите со своја платформа/резолуција. И добро е што најавија дека токму оваа резолуција ќе биде основа за нивната – смета Кржаловски.

Според него, најдобро би било врз основа на ова, Владата да направи пошироки консултации со другите субјекти, пред се, со сите други партии, но и со МАНУ, академската заедница и особено со експертите што долго се занимаваат со ова прашање, граѓанските организации со големо искуство во евроинтеграциите, како и сите граѓани кои сакаат да придонесат кон ова и преку таков, консултативен процес, да се стигне до најдоброто решение што ќе биде целосно прифатено од сите.

– Имајќи ги предвид претходните искуства, тешко е да се очекува дека ќе се стигне до национален консензус што јасно ќе ги исцрта позициите и (не)прифатливите работи, а уште помалку дека и да се донесе нова резолуција, таа потоа ќе биде почитувана од следните влади. Собранието донесе Резолуција за ова прашање и во 2008 година (меѓу другото, таму стои дека една од „црвените линии“ е – одбрана на името), но по 10-ина години, тие позиции се погазија (без нова собраниска резолуција), па прашање е дали овој пат би било поразлично – вели Кржаловски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот