
Ликовната изложба „Физиогномски белешки / потиснати соништа“ е поставена во галеријата „Метаноја“
Центарот за креативни индустрии „Небо“ од Суводол, на 3 септември, со почеток во 19 часот, во галеријата „Метаноја“ во Скопје ќе ја претстави ликовната изложба „Физиогномски белешки / потиснати соништа“.
Препорачано
Изложбата се состои од триесеттина ликовни дела изработени во Психијатриската болница во Демир Хисар и на истата учествуваат единаесет лица: уметникот Тони Попов, историчарката на уметност Јасмина Котевска и девет лица штитеници на Психијатриската болница од Демир Хисар.
– „Физиогномски белешки / потиснати соништа“ се ликовни дела создадени од девет лица – штитеници од Психијатриската болница во Демир Хисар, за време на сликарските работилници во 2024 и во 2025 година, предводени од ликовниот уметник Тони Попов. Сликарските работилници немаа за цел само да создадат ликовни дела кои ќе го збогатат творештвото на арт-брут уметноста во земјата, туку имаа и терапевтска функција. Станува збор за групни работилници во кои учесниците имаа можност да се запознаат, да ги разменат и искажат своите мисли и емотивни состојби, главно преку сликарството како примарна форма на комуникација. Резултатите се слики – визуелни дијалози со себе, интимни исповеди на потиснатите желби – објаснува Јасмина Котевска.
На изложбата ќе бидат прикажани слики кои ликовно го обработуваат портретот како предмет на сликарско истражување и слики со архитектонски приказни.
Портретната уметност покрај функцијата на претставување на физиономскиот лик на личноста која се портретира, во себе носи многу подлабоко значење и во суштина претставува визуелна претстава (физиогномска белешка) на карактерот и психолошко-емоционалните состојби на личноста, ликовно обликувајќи го невидливото во човекот. Изложбата ќе биде поставена до 10 септември.