Фотографија: „Слободен печат“/Драган Митрески

„Лидл“ сè уште нема отворено ниту еден маркет во Македонија, но направи извоз на овошје и зеленчук за 5 милиони евра

Без сертификат нашето овошје и зеленчук не може да стигне на трпезите во ЕУ. Веќе се поддржани 40 добавувачи што го добиле сертификатот Глобал геп, а со 15 добавувачи се работи на воспоставување на стандардот.

Македонија ја чека долг пат за усогласување со европските прописи во земјоделството. „Лидл“ во поддршка со програми од Германија и Швајцарија тргна во „освојувањето“ на европските пазари со наши производи, кои мора да бидат соодветно сертифицирани. Ова е значајна поддршка на нашите земјоделци, затоа што „Лидл“ е прв малопродажник во Европа и петти во светот. Компанијата сè уште нема отворено ниту еден маркет во Македонија, но веќе извезува наше овошје и зеленчук и ги снабдува маркетите во 31 земја каде што работи.

Милена Драгијска-Денчева, извршен претставник на „Лидл“, информираше дека извозот што го направила нашата држава преку „Лидл“ е 5 милиони евра, а оваа година целта е тој износ да се удвои. Производите што се извезуваат се сертифицирани.

– Кога зборуваме за Глобал геп стандардот, не станува збор само за сертифицирање. Тоа е симбол за доверба. Тука не зборуваме само за безбедност на храна, туку и за квалитет. Добавувачите така добиваат додадена вредност. Она што го забележавме во „Лидл“ е дека овошјето и зеленчукот привлекуваат клиенти. Северна Македонија е држава што нуди можности за земјоделско производство – рече Драгијска-Денчева на настанот за развој, извоз и сертификација на локалното производство на овошје и зеленчук организиран во Стопанската комора.

Драгијска-Денчева рече и дека веќе се поддржани 40 добавувачи што го добиле сертификатот Глобал геп, а дека со 15 добавувачи се работи на воспоставување на стандардот.
Михал Харари, заменик-шефицата на мисијата во Амбасадата на Швајцарија, истакнува дека ова „е нова можност за Северна Македонија“.

– Еве само еден пример. Преку локалната програма ИМЕ се извезуваат органски лешници од Северна Македонија во Германија, Швајцарија и во регионот – посочи таа.

Јан-Аксел Фос, заменик-амбасадор на Сојузна Република Германија порача дека неговото присуство на настанот ја претставува поддршката на германската влада и нејзината верба во нашето земјоделство.

– Мојата влада верува во земјоделството во Северна Македонија, во извозот, па смета дека тоа е дури и многу важно за преживувањето на економијата. Вашиот министер за земјоделство, а и премиерот се изјаснија дека силно ќе го подржуваат земјоделството. Ајде да видиме дали ќе го исполнат ветувањето! – рече заменик-амбасадорот.

Тој рече дека пред нас има уште многу задачи што треба да ги исполнат креаторите на земјоделската политика.

– Од она што го знам, од сите правила што треба да ги прифатите за да бидете членка во ЕУ, една третина се однесуваат на земјоделието – нагласи заменик-амбасадорот Јан-Аксел Фос.

Завчера, пак, министерот за земјоделство Цветан Трипуновски даде отчет за сработеното во изминатата година. Тој посочи дека „за една година Владата реализирала голем број проекти, решила крупни проблеми, воспоставила систем на соработка, изградила партнерство со земјоделците и ја вратиле довербата на земјоделците кон институциите“. За наредниот период министерот вети дека „ќе продолжат да се градат темелите на промените“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот