Али Ахмети / Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Лично немам контакт со Груби, тврди Али Ахмети

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во изјава за ТВ21 околу тоа дали има точна информација каде се наоѓа Артан Груби, неговиот довчерашен најблизок соработник кој избега од државата соочен со истрага за милионски криминал, вели дека не знае каде се наоѓа Груби.

„Лично немам контакт со Артан Груби и немам детални информации каде актуелно се наоѓа. Мојата изјава во текот на вчерашниот ден е базирана на тоа што е јавно изјавено од претставници на Владата, но исто така и од фактот дека тој легално си ја поминал границата Македонија-Косово. Верувам силно дека секој граѓанин, вклучувајќи го и господинот Груби, заслужува еден правичен и неселективен судски процес далеку од селективна апликација на правото“, изјави Ахмети за телевизијата.

Тој вчера рече дека Артан Груби се наоѓа „на албанска територија“, без да појасни што значи тоа и каде точно е избеганиот поранешен функционер. Ахмети вчера додаде дека, сепак, правдата не треба да биде селективна и одмаздничка, нагласувајќи дека ДУИ е против употреба на навреди и клевети за политички цели.

Груби избега од државава со помош на бизнисменот Арсим Папранику, кој го одвезе на Косово преку граничниот премин „Блаце“, во што имале помош од полицајци на преминот. Според некои информации кои беа објавени во медиумите, Груби веројатно е во Албанија. Заедно со поранешниот директор на Државната лотарија, Прпарим Бајрами, Груби е осомничен за милионска проневера во државната компанија. Штетата на државниот буџет се проценува на речиси 8,2 милиони евра. МВР за случајот поднесе кривична и за поранешниот премиер, Димитар Ковачевски, но засега тој не е опфатен со истрагата. За случајот распишани се и меѓународни потерници против Груби и Бајрами.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави оти се надева дека Обвинителството ќе го повика лидерот на ДУИ за да го испраша околу локацијата на која се крие Груби.

„Се надевам дека ова допира до Обвинителството и има правна процедура во којашто ако имаме личност која знае каде се наоѓа бегалец од законот дека ќе ја повика таа личност и таа ќе даде одговор на прашањето каде се наоѓа бегалецот од правдата“, рече Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот