Фото: pexels-gustavo-fring

Левица предлага скратено работно време за родителите на деца до 6 години

Во Собрание е предлог за измени на Закон за работни односи. Предлагачите наведуваат дека покрај здравата врска што ќе се изгради меѓу децата и родителите, од вакво законско решение ќе има и позитивни економски ефекти, а тоа го покажала праксата во други земји

Двајцата родителит да имаат скратено или флексибилно работно време, како и можност да работат од дома додека детето наполни 6 години, предлага Левица. Пратениците од нејзините редови се потписници на Предлогот за дополнување на Законот за работни односи кој денес е на дневен ред во Собранието.

„Во интерес на здравиот и стабилен детски развој, а во насока и на поттикнување на зголемување на наталитетот кој е во пад изминатите години, потребно е законодавецот, родителската достапност на децата да им ја овозможи со законско право на флексибилно и скратено работно време сè додека детето не наполни шестгодишна возраст т.е. возраст по која детето влегува во образовниот систем, а завршува стадиумот на т.н. домашно воспитување.“, пишува во образложението на Предлог-законот.

Предлагачите наведуваат дека покрај здравата врска што ќе се изгради меѓу децата и родителите, од вакво законско решение ќе има и позитивни економски ефекти, а тоа го покажала праксата во други земји.

„Така на пример во Шведска, родителите имаат право на скратено работно време до 25 проценти до навршување осум години возраст на детето. Во Германија, постои законска обврска за работодавците да разгледаат и неосновано да не одбиваат барања за скратено работно време по враќање од родителско отсуство на работникот, а слично е регулирано и во Холандија. При што праксата од овие држави покажува дека овие мерки не водат до намалена продуктивност, туку до поголема мотивација и посветеност на вработените, помала стапка на отсуства и поголема задржливост на работната сила“, пишува во Предлог-законот.

Со моменталната законска рамка во Република Македонија, откако ќе заврши породилното и родителското отсуство, родителите се враќаат на полно работно време, без можност за други поволности во однос на овозможено повеќе слободно време кои родителот треба да го посвети на своето дете, освен правото на едноипол часовна пауза на мајката за доење на новороденчето до наполнета една година возраст, потсетуваат потписниците на предложените законски измени.

Пратениците на Левица во Законот за работни односи предлагаат нов член (171-а): Флексибилно работно време за млади родители. Еве го предложениот член:

„(1) Работодавачот е должен на работникот – родител или работникот кој посвоил дете кое не наполнило шест години возраст, да му овозможи работа од шест часа работно време (полно работно време), со измена на распоредот на работните часови во рамките на дозволените часови на работа (флексибилно работно време), или можност за работа од дома, во согласност со потребите на работниот процес и со договорот помеѓу работодавачот и работникот, при што доколку работниот процес го дозволува тоа, работата се извршува исклучиво во прва смена, до навршување на шест години возраст на детето.
(2) Правото на флексибилно работно време го остваруваат двајцата родители до навршување шест години возраст на детето.
(3) Работникот е должен да поднесе писмено барање до работодавачот најдоцна 15 дена пред започнувањето на периодот за кој се бара ова право.
(4) Работодавачот може да го одбие барањето за флексибилно работно време само во случај на сериозни оперативни потреби кои не дозволуваат прилагодување на работното време, до завршување на потребата. Во периодот до завршување на потребата работодавачот е должен да понуди алтернативно решение во договор со работникот.
(5) Ако работодавачот барањето го одбие спротивно на став (4) на овој член, работникот има право на тужба пред надлежен суд.“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот