
Левица предлага работното време да се намали на шест часа дневно, а платите да останат исти
Опозициската партија Левица предлага намалување на работниот ден од осум на шест работни часа, додека платите не би се намалувале. Причината за ваквиот предлог, кој денеска го образложи пратеникот Амар Мециновиќ, е „поради тоа што власта не сака да ги зголеми платите“, рече Мециновиќ додавајќи дека предлогот е конципиран на начин што нема да повлече буџетски трошоци.
Препорачано
Според него, осумчасовниот работен ден е остаток од индустриското време и тој не одговара на денешниот свет.
„Овој свет кој денес го живееме има зголемена продуктивност, благодарение на технологијата. Обврските на работникот се автоматизираат, дигитализираат и напредуваат на начин што тој веќе не е инволвиран како што бил инволвиран во индустриското време. Технологијата напредува, а работниот ден на работниците е исполнет со анксиозност, хроничен замор, исцрпеност и немаат вистински простор за одмор и грижа за семејството“, рече Мециновиќ на прес-конференција во Собранието.
Пратеникот додаде дека предлогот на Левица се базира на анализа и искуства од земји како Исланд, Јапонија, Велика Британија, Шведска, Франција, Германија, како и Црна Гора, кои имаат воведено пократко работно време или експериментираат со модели за пократко работно време.
„Сите анализи покажуваат дека резултатите се јасни. Подобра продуктивност, помало отсуство од работа, подобро ментално здравје и зголемена лојалност кон работните обврски на работниците. Ниедна од овие земји не претрпе економски удар, туку напротив многу фирми пријавија раст“,
рече Мециновиќ, кој додаде дека очекува предлогот на Левица да добие поддршка од останатите партии.