
Левица бара Уставниот суд и Собранието итно да им овозможат изборно рекламирање
Уставниот суд оформи предмет во претходна постапка, но засега нема информација дали седницата на која треба да се расправа за предметот на Левица, ќе биде закажана додека трае изборната кампања.
Уставниот суд оформи предмет по поднесената иницијатива на Левица со која бара Судот да го поништи Упатството за радиодифузерите за локалните избори на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АAAВМУ), според кое оваа партија останува исклучена од можноста за платено политичко рекламирање, и покрај тоа што има шест пратеника во Собранието. Левица бара од Судот да донесе и итна времена мерка веднаш вон сила да се стави упатството на АAAВМУ.
Од друга страна, од претседателот на Собранието Африм Гаши нема одговор дали ќе свика итна пленарна седница за измени на Изборниот законик, со кои Левица бара да ѝ се овозможи платено политичко рекламирање.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Од Уставниот суд велат дека предметот е во претходна постапка и дека се водат активности што се предвидени за таа фаза. Засега нема информација дали седницата на уставните судии на која треба да расправаат за предметот на Левица ќе биде закажана додека трае изборната кампања.
Клучното барање во измените на Изборниот законик, предложени од Левица, е на сите партии да им се овозможи пристап до медиумско претставување во текот на предизборниот период поради непречено исполнување на уставната темелна вредност на политички плурализам и фер и слободни избори. Партијата наведува дека измените на Изборниот законик се вонредни и неодложни за да се одржат успешни, фер и демократски избори, што, пак, е темелна уставна вредност и во согласност со препораките на меѓународната заедница.
– Затоа, заради надминување на ситуацијата во која се наоѓаме и која е во спротивност со демократските вредности, предлагаме Собранието да го разгледа Предлог-законот за изменување на Изборниот законик по итна постапка – наведува Левица.
Партијата предводена од Димитар Апасиев, бара измена на три члена од Изборниот законик, односно зборовите „двете најголеми политички партии“ да се заменат со зборовите „трите најголеми политички партии“ со што сите парламентарни партии би се инкорпорирале во распределбата на дозволеното времетраење на медиумското претставување.
Изборниот законик во членот 75-ѓ став 1 опишува како се дели времето за платено политичко рекламирање на телевизиите и радијата, односно од максимално дозволените девет и пол минути политички реклами во еден час, четири минути добиваат двете најголеми владејачки партии според освоени пратеници во парламентот на последните избори, четири минути двете најголеми опозициски по истиот принцип, една минута оди кај партиите што освоиле пратенички места, но недоволно за пратеничка група и 30 секунди одат за партиите што не се застапени во Собранието. Проблемот искрсна бидејќи Изборниот законик не регулира минутажа за реклами на партии што имаат пратенички групи, во случајов Левица и ЗНАМ, а не се во првите две партии од власта и од опозицијата со најмногу гласови.
Од партијата информираат дека правниот тим на Левица за првпат поднел специјална тужба – т.н. Actio popularis – за заштита од дискриминација во јавен интерес.
– Тужбата е затоа што станува збор за групна политичка дискриминација на дури 978 потврдени наши кандидати за советници и градоначалници низ Македонија, на кои противуставно и противзаконито им е забрането платеното политичко рекламирање на телевизии, радија, интернет-портали, весници и билборди – велат од Левица.