Игор Јанушев фото: ВМРО-ДПМНЕ

Левица: Јанушев ќе ги плаќа партиските митинзи со тендер од еден милион евра

Владата на Мицкоски, чијшто рејтинг вртоглаво паѓа, периодов преку агресивен предизборен поткуп ги користи сите ресурси на државата за да ги спаси своите функционерски фотелји, обвинува партијата Левица.

„Левица обелоденува скандалозен тендер, склучен од амнестираниот генерален секретар на Владата, Игор Јанушев, каде што под наводен договор за симултан превод, еден милион евра државни пари ќе се потрошат за организирање на скапите митинзи на ДПМНЕ. Скандалозниот тендер од еден милион евра го добива струмичка фирма ‘СМ АРТ ВИЗ АРТ ДООЕЛ’ (во сопственост на Петар Божинов), каде што во спецификацијата јасно стои дека се изнајмува опрема за озвучување, микрофони, бубици, монитори, осветлување, дим-машини, проектори, односно целосна опрема за организирање партиски митинзи. Јасно е дека владината служба нема никаква рационална потреба за изнајмување скапа опрема за организирање настани и дека овие државни пари незаконски ќе завршат за организирање на предизборната кампања на најбогатата партија во Европа!“, се вели во соопштението на Левица.

За Левица е скандалозно што јавното обвинителство молчи пред очигледната предизборна злоупотреба на државни ресурси, се додава во соопштението, и не иницира никаква постапка.

„Дополнително, очигледно е дека тоталитарните методи на владеење на ДПМНЕ повторно ја заробија Антикорупциска комисија, која наместо да го следи однесувањето на државните институции во предизборниот период, истата е само продолжена рака на партијата на Мицкоски. Расипничкото расфрлање со речиси милион евра јавни пари од страна на Владата, предводена од Христијан Мицкоски, е јасен доказ за најдрска злоупотреба на државни ресурси за партиски цели. Наместо за училишта, болници и реални потреби на граѓаните, се трошат милионски суми за ДПМНЕ да го спаси својот рејтинг, по една година катастрофално менаџирање на власта“, обвинува Левица во своето соопштение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот