
Левица ги затрупа институциите со жалби, но никоја не е надлежна
На неколку фронта опозициската Левица ја води правната битка за упатството што го усвои Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиумски услуги (АВМУ) и единствено оваа партија ја исклучи од можноста за платено политичко рекламирање за локалните избори и покрај тоа што има шест пратеници, но ниту една институција не се одважи досега да реагира и да го коригира спорното упатство.
Препорачано
Единствено Уставниот суд закажа седница на која ќе расправа за спорното упатство, но на само два дена пред да заврши изборната кампања за првиот круг, на 15 октомври.
Левица, освен упатството ги оспори и членовите од Изборниот законик на кој се повикува упатството и коишто се единственото образложение на властите дека упатството не може да биде поинакво.
Усвоено спорното упатство – Левица нема да може да се рекламира
– Еве, да не речат нашите „истакнати правници“ од Уставен суд на Република Северна Македонија дека Упатството на АВМУ со кое ни забранија политичко рекламирање е „согласно законот” – ние го оспоривме и законот! – објави лидерот на Левица, Димитар Апасиев.
Уставниот суд оформи предмет по оформена иницијатива на Левица со која бара судот да го поништи упатството, и иако Уставниот суд можеше веднаш по службена должност да свика седница и да одлучи, тие ќе расправаат за упатството непосредно пред изборниот молк. Другата иницијатива поднесена до Уставниот суд е за поведување постапка за оценување на уставноста на законските одредби на Изборниот законик во која се оспорени три члена. За оваа иницијатива уште не е оформен предмет во Уставниот суд.
Од друга страна, од претседателот на Собранието Африм Гаши нема одговор дали ќе свика итна пленарна седница за измени на Изборниот законик, со кои Левица бара да ѝ се овозможи платено политичко рекламирање.
Клучното барање во измените на Изборниот законик, предложени од Левица, е на сите партии да им се овозможи пристап до медиумско претставување во текот на предизборниот период поради непречено исполнување на уставната темелна вредност на политички плурализам и фер и слободни избори. Партијата наведува дека измените на Изборниот законик се вонредни и неодложни за да се одржат успешни, фер и демократски избори, што, пак, е темелна уставна вредност и во согласност со препораките на меѓународната заедница.
– Затоа, заради надминување на ситуацијата во која се наоѓаме и која е во спротивност со демократските вредности, предлагаме Собранието да го разгледа Предлог-законот за изменување на Изборниот законик по итна постапка – наведува Левица.
Партијата бара измена на три члена од Изборниот законик, односно зборовите „двете најголеми политички партии“ да се заменат со зборовите „трите најголеми политички партии“ со што сите парламентарни партии би се инкорпорирале во распределбата на дозволеното времетраење на медиумското претставување.
Освен пред Уставниот суд, партијата поднесе две претставки до Граѓанскиот суд, една до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и тужба до Уставниот суд, затоа што според партијата, станува збор за групна политичка дискриминација на дури 978 потврдени нивни кандидати за советници и градоначалници ширум Македонија.
Освен ова, поднесена е и претставка за групна политичка дискриминација до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, со посебно барање за нејзино вмешување во спорот како „пријател на судот“.
Левица бара Уставниот суд и Собранието итно да им овозможат изборно рекламирање
– Со ова ги исцрпуваме сите домашни правни средства, инструменти и лекови кои ни стојат на располагање согласно домашното позитивно право, по што нашиот правен тим ќе премине кон подготовка на кривичните пријави против членовите на Советот на АВМУ (поименично) плус спремање на вештачење за финансиска оштета (солидарна одговорност) плус апликација пред Европскиот суд за човекови права (Стразбур) – соопшти партијата.
Иако партијата ги затрупа со претставки и иницијативи сите институции сепак Апасиев прогнозира дека оваа битка ќе заврши како историска неправда, сите ќе се прогласат за ненадлежни и дека правдата ќе ја бараат во Стразбур. Според него Уставен можеше веднаш да свика седница и да реагира по службена должност, а Граѓанскиот суд во рок од три дена да се изјасни, но тој решил да се прогласи за ненадлежен.
Партијата останува оштетена за овие локални избори, Апасиев обвинува дека ваквиот чекор на Агенцијата им е абер од премиерот Христијан Мицкоски, преку неговиот, како што го нарекува – „подлизурко“ – директорот на Агенцијата, Зоран Трајчевски.