Концертите ќе се одржат под слоганот „Млади за млади“

Летната сцена „Славиша Кајевски“ на МНТ годинава ќе има хуманитарна димензија

Со концертни настапи на музичките групи „Фанк шуи“ и „Спејсд“, на 12 јуни, во 20:30 часот, почнува програмата на летната сцена „Славиша Кајевски“ на МНТ, која годинава ќе се одвива под слоганот „Млади за млади“. Средствата од продажба на билетите ќе се наменат за „Support Кочани“, со што целата манифестација добива хуманитарна димензија.

– Оваа година доаѓаме со нова енергија и свеж концепт, во соработка со „Стереолаб“, а со поддршката од Телеком го прошируваме опфатот и значењето на настанот. Средствата собрани преку програмата ќе бидат наменети за хуманитарни цели во Кочани – уште еден доказ дека културата може да биде двигател на солидарноста. Изразуваме голема благодарност до „Support Кочани“, како и до Филип Цветков, којшто го изработи дизајнот за хуманитарната иницијатива. Билетите ќе бидат по симболична цена од 300 денари, што ќе овозможи настанот да биде достапен за што поголем број граѓани – истакнува Никола Кимовски, директор на МНТ.

Концертите на летната сцена ќе се одржат од 12 до 14 јуни и од 19 до 21 јуни.

– Како бренд веруваме дека вистинската поврзаност значи и грижа еден за друг. Со поддршката на летната сцена не само што вложуваме во културата и креираме искуства за младите, туку им даваме и можност непосредно да им помогнат на своите врсници од Кочани. Со гордост сме спонзори на овие настани од хуманитарен карактер, каде младите не само што ја слават креативноста, туку придонесуваат и за доброто на заедницата – истакнува Елена Белевска, Лидер на корпоративни комуникации во Македонски Телеком.

На летната сцена ќе настапат повеќе групи и диџеи, а меѓу нив се „Фанк шуи“,„Спејсд“, „Карла Левински“, „Фикшн“, КЕМ, „Поетроника“, М.И.К., „Животни“, Елена Васова, „Новиот почеток“, „Милко“, „Вагина корпорејшн“ и „Светлост“.

– Летната сцена оваа година претставува одлична можност да им се даде шанса на млади музичари да се претстават пред јавноста и да го добијат вниманието кое го заслужуваат. Симболичната цена за слушање на два бенда во истата вечер сметаме дека е прифатлива за секого и дека ќе ги охрабри луѓето да дојдат и да го поддржат звукот на новата генерација – истакнува Дарко Јорданов, уредник на „Стереолаб“.

Летната сцена „Славиша Кајевски“ премиерно беше отворена минатата година, како посвета на прерано починатиот актер којшто остави длабока трага во македонската култура. Таа ги обединува музичарите и сите други уметници со публиката на летната тераса покрај Вардар. Оваа година, шестдневната програма на летната сцена е во рамките на одбележувањето на јубилејот 80 години Македонски народен театар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот