
Летната програма на „Крик 2025“ ќе биде заокружена со изложбата „Парадоксот на Грејсленд: навигирање на неизвесноста“
Фестивалот за критичка култура „Крик“ го најави отворањето на изложбата „Парадоксот на Грејсленд: навигирајќи ја неизвесноста / Graceland Paradox: Navigating Uncertainty“.
Препорачано
На изложбата учествуваат уметниците Фани Будуроглу, Рања Еманоилиду, Лиа Псома (Грција,) Билал Јилмаз (Турција), а кураторка е Лидија Хатсијакову (Грција). Отворањето на изложбата е на 25 јуни, во 20 часот, потоа ќе има курирано водење низ изложбата од 20:10 до 20:40 часот и модерирана дискусија од 20:40 до 21:20 часот. Изложбата е поставена во Музејот на современа уметност во Скопјe и ќе трае до 17 август 2025 година.
Летната програма на „Крик 2025“, под наслов „Преобразба“, ќе биде заокружена со изложбата „Парадоксот на Грејсленд: навигирање на неизвесноста“, курирана од грчката кураторка Лидија Хацијакову (Солун), чија работа гравитира околу улогата на уметноста како алатка за општествени промени, релацијата помеѓу уметноста и технологијата, уметноста и екологијата, уметноста и современата улога на занаетите.
Во „Парадоксот на Грејсленд“, уметниците Фани Будуроглу, Рања Еманоилиду и Лиа Псома се осврнуваат на испреплетените кризи на климатскиот колапс, раселувањето и технолошко-социјално отуѓување како симптоми на доцниот капитализам. Нивните хибридни фигури и пејзажи се движат помеѓу пропаста и обновата, потсетуваат и на последиците од катастрофата и на можноста за пофер и инклузивна иднина.
Направени од биопластика, глина, кристализирана хартија и ризоми, нивните дела ги доведуваат во прашање бинарностите помеѓу човекот и нечовечкото, природата и машината, отпорот и контролата.
Уметникот Билал Јилмаз е гостин, кој го проширува ова истражување низ призмата на политичка акција и опсервацијата, поканувајќи ги гледачите да се спротивстават на приливот на манипулирани медиуми и да ги прифатат сликите и дејностите кои инспирираат вистинска промена.
Во центарот на изложбата е ставена „Лабораторијата“ која го отвора креативниот процес на уметниците – активен простор за замислување нови форми, нови материјали и алтернативни иднини. Тука, експериментирањето станува форма на отпор, а самото уметничко дело станува жив двигател на трансформација.
По курираното водење низ изложбата, ќе следи кратка дискусија со уметниците, придружени од Владимир Јанчевски (куратор, МСУ – Скопје), Ана Микоњати (кураторка, Национален музеј на современа уметност, Атина ) и Тули Мисироглу (Уметничка директорка, МoMus), модерирана од кураторката Лидија Хацијакову.
Изложбата е поддржана од MOMus – Метрополитенска организација на музеи на визуелни уметности на Солун, Министерство за култура и туризам на Северна Македонија и Амбасада на Република Грција во Скопје. Изложбата е организирана во партнерство со Музејот на современа уметност – Скопје.
Фестивалот за критичка култура „Крик“ е финансиски поддржан од програмата „Култура и креативност за Западен Балкан“, Гете-институтот, Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и програмата „Креативна Европа“ на Европската комисија, финансирана од Европската унија.
Ова издание на фестивалот е дел од проектот „Re-Imagining Europe: New Perspectives for Action“. Проектот е дел од програмата на „Креативна Европа“ за 2021-2027.