
Ленинова ќе добие 134 паркинг-места наменети само за жителите
Обновата на улицата ќе започне напролет, поради тоа што во моментов се изведуваат градежни зафати на екипите од ЕВН, а ќе се реконструира делот од крстосницата со булеварот Партизански одреди до крстосницата со улицата Митрополит Теодосиј Гологанов.
Општина Центар напролет треба да почне со реконструкција на улицата Ленинова, која е планирано да се обнови од крстосницата со булеварот Партизански одреди до крстосницата со улицата Митрополит Теодосиј Гологанов, односно површина од 6.720 метри квадратни.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Уште летото од Општината известија дека проектот за реконструкција на улицата е готов, дека е распишан тендерот за избор на фирма изведувач, а дека во првата фаза ќе се работи во овој дел, додека делот на улицата што минува низ Дебар Маало ќе се обновува во втора фаза, односно откако ќе заврши реконструкцијата на Орце Николов.
Новиот градоначалник на Центар, Горан Герасимовски, најави дека пред реализација на проектите, ќе има средби со граѓани за да го слушне нивното мислење, па така тој деновиве се сретна со жителите на Ленинова, на која заедно го разгледаа идејното решение за реконструкција, кое е во завршна фаза. Граѓаните изразија задоволство од проектното решение, кое нуди поставување на атмосферска канализација, ново осветлување и 134 резидентни паркинг-места, особено што на оваа улица, како и на повеќето во Центар, паркирањето е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат жителите. Во моментов на Ленинова со паркирани автомобили се зафатени двата тротоари, со што е оневозможено нормалното движење на пешаците.
По реконструирањето, улицата што сега е под надлежност на ЈП „Градски паркинг“ ќе припадне под ЈП „ПОЦ“, преку кое обезбедуваме 134 резидентни паркинг-места. Проектот што вечерва го презентиравме има џебови за паркирање за 134 возила, ново улично осветлување и атмосферска канализација – изјави Герасимовски.
Тој исто така напомена дека реконструирањето на улицата ќе почне напролет, поради тоа што во моментов се изведуваат градежни зафати на екипите од ЕВН, кои поставуваат кабли за засилување на електричното напојување.
За реконструкцијата за овој дел од улицата се планира да се потрошат по 5.371 денар за метар квадратен, односно вкупно околу 36 милиони денари.
Минатата недела градоначалникот Горам Герасимовски имаше средба и со граѓаните што живеат на улицата Мирослав Крлежа, за која има изработен идеен проект за реконструкција, кој треба да се реализира. По нивно барање, сепак проектната документација ќе биде изменета според сугестии и интереси што ги искажаа на средбата со градоначалникот откако го видоа идејното решение.
Во меѓувреме, поднесено е известување со ЈП „Градски паркинг“ под чија надлежност е сега улицата дека во тек е проект на реконструкција по чие завршување Мирослав Крлежа ќе стане улица резидентна за станарите, на која ќе можат да се паркираат само тамошните жители.
Јавната хигиена и паркирањето најмногу ги „мачат“ центарци
Оштетувањата на улиците и тротоарите, подобрувањето на уличната хигиена и проблемите со паркинзите беа главните теми на првиот отворен ден на градоначалникот Герасимовски, со жителите на Центар.
– Ова е мојот прв отворен ден со граѓаните на општината и вакви отворени денови планираме да се одржуваат редовно, сѐ со цел брзо и ефикасно решавање на проблемите на граѓаните. Денес, заедно со општинските служби, ги ислушав проблемите што ми ги претставија жителите и заедно ги решаваме – вели Герасимовски.
Општина Центар ги повикува сите жители што се заинтересирани и сакаат да присуствуваат на идните отворени денови со градоначалникот, своето присуство да го најават со повик на телефонските броеви: 02 3203 682 и 075 219 173.