Лекторатот по македонски јазик во Париз бележи половина век од отворањето

Голем јубилеј за македонистиката и за македонската држава е одбележувањето половина век од отворањето на Лекторатот по македонски јазик во Париз, Франција. Со него, пред 50 години почна натамошното засилено присуство на македонскиот јазик, литература и култура во наставата на странските високообразовни институции.

Лекторатот на престижниот Национален институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО) во Париз е првиот лекторат по македонски јазик отворен надвор од некогашната југословенска држава. Во текот на неговото 50-годишно непрекинато работење и развивање, овој Лекторат не само што е средиште на македонистиката во Франција и централна точка на македонско-француските академски и културни врски, туку е и клучен центар за афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура воопшто во еден дел на Европа.

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), заеднички со ИНАЛКО го чествува значајниот јубилеј, со заложби за натамошните перспективи за развој на македонистиката на овој реномиран европски висообразовен центар.

– Денес, 50 години по отворањето на Лекторатот во Париз, исправени сме пред историска обврска и одговорност – да го вреднуваме она што е историја и сегашност на македонистиката во Франција и да оствариме влог во нејзината иднина. Во децениите наназад, постигнато е многу. Денес, македонскиот јазик, на ИНАЛКО се изучува како главен предмет, на сите циклуси академски студии – од лиценца до докторат. На ИНАЛКО е и првата професорска катедра за македонистички студии на странска високообразовна институција. Од минатата година, македонистиката има статус на ретка научна дисциплина во Франција и е заштитена. Но, не треба и не смее да се запре тука! По оствареното во изминатите 50 години, должни сме да се заложиме за она што ќе биде стварност во годините што следат и тоа за нас е и императив во чествувањето на овој значаен јубилеј – истакнува директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Таа и напоменува дека Лекторатот отворен пред половина век и ИНАЛКО како високообразовен центар не само што имаат историско значење за нас, туку се и еден од вистинските примери како треба да се работи и да се развива македонистиката на странските универзитетски центри на кои се изучуваат македонскиот јазик, литература и култура.

Како што посочува, големиот јубилеј преку кој уште еднаш се потврдува значајноста на просторот што ИНАЛКО досега го овозможи за развој на македонистиката во Франција, треба да е и взаемен поттик за натамошно развивање на соработката и содејствување во нови постигнувања за изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура на ИНАЛКО.

Мојсова-Чепишевска истакнува дека оствареното во изминатите пет децении, не ќе беше можно ако покрај институционалните заложби на МСМЈЛК при УКИМ и ИНАЛКО, не беше и влогот на сите посветеници на македонистиката кои дел од себеси вградија во развојот на студиите по македонистика во Париз. Сите досегашни лектори, од првиот – проф. д-р Алекса Попоски до актуелниот, м-р Ѓоко Здравески, ама клучно – и кадарот на ИНАЛКО, при што за изминативе две децении особено важна е посветеноста на проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро, која раководи со студиите по македонски јазик, литература и култура.

Чествувањето на големиот јубилеј 50 години Лекторат по македонски јазик во Париз веќе започна. Меѓу другото, на ИНАЛКО, јубилејот ќе се одбележи и со меѓународен собир.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот