
Лек за срце пијат милиони луѓе: Истражувањата покажуваат дека е бескорисен, а можеби дури и опасен?
Бета-блокаторите се стандарден третман за низа срцеви заболувања, вклучително и за срцев удар, повеќе од 40 години.
Препорачано
Меѓутоа, тие не даваат никаква клиничка корист за пациенти кои имале инфаркт на миокардот со зачувана функција на срцето, покажува новото и шокантно истражување во рамките на студијата „REBOOT trial“.
Истражувањето, предводено од Валентин Фастер, претседател на Кардиоваскуларната болница „Маунт Синај“ и генерален директор на шпанскиот Националниот центар за кардиоваскуларни истражувања (СНИС), е објавено на состанокот на Европското здружение за кардиолози во Мадрид и во списанието „Њу Ингланд журнал оф медисин“ (New England Journal of Medicine).
Освен тоа, подстудијата во рамките на студијата REBOOT, покажува дека жените кои користат бета-блокатори имале поголем ризик од смрт, срцев удар или хоспитализација поради срцева слабост во споредба со жените кои не го примале лекот. Кај мажите, овој ризик не бил зголемен, наведува „Саенс дејли“ (ScienceDaily).
– Студијата ќе ги преобликува сите меѓународни клинички насоки. Таа се приклучува на други претходни значајни студии предводени од СНИС и болницата „Маунт Синај“, кои веќе трансформираа некои глобални пристапи кон кардиоваскуларните болести – рекол д-р Фустер.
Иако генерално се сметаат за безбедни, бета-блокаторите можат да предизвикаат несакани ефекти како што се замор, брадикардија (низок број на отчукувања на срцето) и сексуална дисфункција. Повеќе од 40 години, бета-блокаторите се препишуваат како стандарден третман по срцев удар, но нивната корист во контекст на современите третмани не била докажана.
Истражувачите во студијата вклучиле 8.505 пациенти во 109 болници во Шпанија и Италија. Учесниците биле по случаен избор распределени да примаат или не бета-блокатори по отпуштањето од болницата. Сите други пациенти ја добиле тековната стандардна нега и биле следени во просек од речиси четири години. Резултатите не покажале значајни разлики помеѓу двете групи во стапките на смртност, повторен срцев удар или хоспитализација поради срцева слабост (инсуфиенција).
REBOOT анализата покажала дека жените третирани со бета-блокатори имале повеќе несакани ефекти.
– Бета-блокаторите беа рано додадени на стандардното лекување, бидејќи значително ја намалија смртноста во тој период. Нивните придобивки беа поврзани со намалена побарувачка на кислород на срцето и спречување на аритмии. Но, терапиите еволуираа. Денес, затнатите коронарни артерии брзо и систематски повторно се отвораат, драстично намалувајќи го ризикот од сериозни компликации како што се аритмиите. Во овој нов контекст – каде што степенот на оштетување на срцето е помал – потребата од бета-блокатори е нејасна. Иако често тестираме нови лекови, многу е поретко ригорозното преиспитување на континуираната потреба од постарите третмани – рекол д-р Борха Ибањез, главен автор на студијата и научен директор на СНИС.