Фото: Инстаграм

Лего-коцки со Брајово писмо им помагаат на децата со оштетен вид да научат да читаат

Компанијата „Лего“ ќе почне да продава коцки со Брајово писмо, за да им помогнат на слепите и слабовидните деца да научат да ја читаат азбуката со допир, пишува „Гардијан“.

Данскиот производител на играчки, ги тестираа овие коцки во партнерство со организации за слепи и лица со оштетен вид ширум светот, нудејќи ги бесплатно на училиштата и објектите за угостителство, за деца со оштетен вид уште од 2020 година.

Фото: Принтскрин/ Инстаграм

Од следниот месец, купувачите ќе можат да ги најдат пакувањата со коцки, кои на нив имаат испакнатини што одговараат на брајовата верзија на броеви и букви, со печатена верзија на симболот или буквата подолу, за да ги користат во своите домови.

Компанијата се надева дека иницијативата ќе им помогне на родителите и најблиските да го споделат учењето на Брајовото писмо со своите деца кои имаат оштетен вид. Пакетите со лего-коцки ќе вклучуваат низа едукативни игри, кои семејствата ќе можат да ги играат заедно.

Фото: Принтскрин/ Инстаграм

Додека некои сметаат дека Брајовото писмо е старомодно, поради модерната технологија која може да го претвори пишаниот текст во говорен збор, слепите возрасни лица велат дека им се допаѓа слободата да работат повеќе задачи со читање, со помош на прстите.

Европската унија на слепи (ЕБУ), вели дека познавањето на Брајовото писмо води до подобрување на правописот, читањето и пишувањето, придонесувајќи за повисоки нивоа на образование и подобри можности за вработување за оние кои се со оштетен вид.

Фото: Принтскрин/ Инстаграм

Дејв Вилијамс, инклузивен амбасадор за дизајн, вели дека познавањето на Брајовото писмо им помогнало на многумина. Тој објаснува дека, иако може да се игра со нив како обични коцки, примарната идеја е да се користат за учење Брајово писмо, а сето тоа е направено на забавен начин.

„Идејата беше учењето на Брајовото писмо да биде интересно. Лего играчките се препознаваат и ги разбираат сите, а  коцките како овие ја рушат бариерата, дека Брајовото писмо е нешто чудно и необично“, вели Дејв.

Примерите од секојдневниот живот покажуваат дека ваквите коцки предизвикуваат љубопитност кај децата. Девојчето Оливија имала можност да го научи Брајовото писмо, преку овие лего-коцки во нејзиното училиште.

Фото: Принтскрин/ Инстаграм

Пакетите наменети за деца на возраст од шест и повеќе години, ќе бидат достапни за купување во шест земји од англиско говорно подрачје, вклучувајќи ги Англија, Ирска, САД и Австралија, и пет земји од француски јазик, вклучувајќи ги Белгија, Канада и Швајцарија. Италијанската, германската и шпанската верзија се очекува да бидат претставени следната година.

Секое пакување, ќе вклучува 287 коцки во пет бои – бела, жолта, зелена, црвена и сина. Сите коцки се целосно компатибилни со други лего-комплети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот