
Легендата на „Ѕвездени патеки“, Вилијам Шатнер, итно пренесен во болница
Актерот Вилијам Шатнер, незаборавниот капетан Кирк од „Ѕвездени патеки“, бил итно префрлен во болница во Лос Анџелес на 94-годишна возраст поради проблеми со нивото на шеќер во крвта, но извори откриваат дека тој сега се чувствува добро и се опоравува, пренесува „Дејли мејл“.
Препорачано
Според информациите достапни за јавноста, Шатнер доживеал ненадејни здравствени проблеми во среда попладне додека бил во својот дом во Лос Анџелес. Веднаш повикал брза помош, а на неговата адреса пристигнала противпожарна и спасувачка екипа. Откако бил прегледан, актерот бил однесен во блиската болница каде што бил задржан на понатамошен медицински третман. Изворите велат дека Шатнер моментално се чувствува добро и мирно одмора.
И покрај неговата напредна возраст, Шатнер продолжува да има активна актерска кариера и работи на неколку нови проекти. Минатиот месец, тој учествуваше на панел-дискусија на „Даргон кон“ во Атланта, каде што повторно го потврди својот статус на еден од најомилените херои меѓу љубителите на научна фантастика. Неговата улога како капетан Џејмс Т. Кирк, која ја играше од 1966 до 1969 година, е евидентирана како едно од најважните достигнувања во телевизиската историја. Шатнер се врати на улогата неколку пати – во анимираната серија и во седум филмски продолженија до 1994 година. Публиката го памети и по бројни други телевизиски проекти, вклучувајќи ја и главната улога во криминалната серија Т.Џ. Хукер.