
Легализирањето на геј браковите ја подели грчката јавност, се бара мнозинство во парламентот
Грчката опозициска партија СИРИЗА најави дека ќе ги гони пратениците кои гласаат против легализацијата на истополовите бракови. Предлогот за ова дојде од премиерот Киријакос Мицотакис, но наиде на жестоко противење од неговите пратеници во парламентот, од црквата и од општеството.
Препорачано
„Ќе слушнеме што мисли Црквата. Не знам дали ќе можеме да се согласиме, но ќе го почитуваме различното мислење“, рече Мицотакис.
Прашањето за правата на хомосексуалците во Грција останува многу чувствително во општество кое се смета за едно од социјално најконзервативните во Европа. Свештениците во земјата постојано предупредуваа дека одобрувањето на истополовите бракови ќе биде првиот чекор кон стекнувањето на родителските права и уништувањето на грчкото општество.
Опозициските партии во Грција се со поинакво мислење. Приклучувајќи се на дебатата со свој законски предлог, левичарската партија СИРИЗА, која е предводена од првиот лидер на грчката партија кој е отворено геј, се залага и за сурогат мајчинство. Но, премиерот рече дека тоа нема да биде прифатено во Грција.
158-те пратеници на „Нова демократија“ се поделија околу новиот предлог-закон за истополови бракови. Од нив 63 нема да гласаат, 53 се „за“, а 42 се се уште неопределени.
„Мораме да ги убедиме пратениците од другите партии да гласаат“, посочи Мицотакис.
Минатиот месец Грчката православна црква излезе со официјален став против истополовите бракови и особено против посвојувањето деца од хомосексуалци.
Од 27 земји-членки на Европската унија, 15 ги легализираа истополовите бракови, а 16 – посвојувањето деца од истополови двојки.