Сергеј Лавров на Самитот на ОБСЕ во Скопје, ноември 2023 г. / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Лавров: Со Американците преговараме околу гасоводот „Северен тек“

Во тек се разговори меѓу Русија и Соединетите Американски Држави за гасоводот Северен тек кој ги поврзува Русија и Германија под Балтичко Море, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Тој рече дека би било интересно да се види „дали Американците ќе го искористат своето влијание на Европа и ќе ја присилат да престане да го одбива рускиот гас“, пренесува државната новинска агенција ТАСС.

Лавров не наведе понатамошни детали од разговорите. Неговите коментари следат по извештаите за тоа дека пуштањето во работа на најновиот гасовод, Северен тек 2, би можело да биде дел од американско-рускиот договор за окончување на украинскиот конфликт, веројатно со учество на американски инвеститори.

Северен тек 2, кој никогаш не беше пуштен во функција, го сопре германската влада по почетокот на конфликтот во Украина во февруари 2022 година. Предизвикана експлозија во септември таа година уништи еден од двата довршени крака на гасоводот.

Други експлозии во исто време ги оштетија двете цевки на Северен тек 1, кој беше пуштен во работа во 2011. Русија престана да испорачува гас преку овој гасоводот кон крајот на август 2022. Лавров кажа дека рускиот гас е одбиен од политички причини и дека поради тоа германската индустрија плаќа многу повисоки цени за енергијата.

Тој ги критикуваше германскиот министер за економија во заминување Роберт Хабек, германскиот министер за одбрана во заминување Борис Писториус и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен.

„Тие велат дека нема повторно да го пуштат во работа Северен тек по нидена цена. Тие луѓе се болни или самоубиствени“, оцени Лавров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот