
Лауреат на наградата „Прозарт“ на фестивалот „Про-за Балкан“ годинава е словенечкиот писател Евалд Флисар
Наградата „Прозарт“, што Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“ (21-23 септември) по 13. пат ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, годинава му припадна на словенечкиот писател Евалд Флисар. Наградата ќе му биде доделена на авторот лично, на свеченото затворање на фестивалот, во Даут-пашин амам во Скопје, на 23 септември.
Препорачано
Флисар е најпреведуваниот словенечки писател и драматург, автор со извонреден меѓународен успех – неговите романи и драми се преведени на 40 јазици, со вкупно 270 изданија низ светот. Неговите дела се поставувани на сцени во Лондон, Вашингтон, Рејкјавик, Москва, Мумбаи, Њу Делхи, Токио и во десетици други професионални театри на сите континенти.
Писателот Флисар е автор на 18 романи, 16 драми, три книги есеи и многубројни раскази. Бил претседател на Друштвото на словенечките писатели во три мандати (1995-2002). Добитник е на бројни награди, меѓу кои и највисоката државна награда за литература – Прешернова награда, наградата „Жупанчиќ“ за животно дело, како и меѓународни признанија, вклучително и италијанската „La Magna Capitana“. Бил номиниран за меѓународната Даблинска книжевна награда и учествувал на повеќе од педесет книжевни фестивали и настани ширум светот.
Тој е член на Словенечката академија на науките и уметностите. Неговиот роман „Чиракот на волшебникот“ (1986) е најчитаниот словенечки роман на 20 век, со 13 изданија во Словенија и бројни преводи.
– Флисар е мајстор на раскажувањето и дијалогот, а неговиот јазик звучи со необична природност и во романите и во драмите. Преку остри конфликти на различни перспективи тој гради синтеза на севкупен светоглед. Со својата префинета синтеза на реализам, иронија, симболизам и чувствителност, Флисар заслужено се смета за наследник на Чехов, театарот на апсурдот и англиската и американската драма од втората половина на 20 век. Затоа наградата „Прозарт“ сосема заслужено му припаѓа на еден од големите балкански мајстори на пишаниот збор – стои во образложението за наградата „Прозарт“.
Претседател на комисијата за доделување на наградата е проф. д-р Ермис Лафазановски, а членови се проф. д-р Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски.
Освен Флисар, гости на 13. издание на фестивалот ќе бидат српскиот писател и поет Небојша Лапчевиќ, бугарската писателка Елена Алексиева, една од најпознатите словенечки писателки за млади читатели Јана Бауер, како и домашните претставнички – поетесата, романсиерка и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик Лидија Димковска и Хана Корнети, писателка на проза и долгогодишна уредничка на академски и комерцијални текстови. Во дополнителната програма на фестивалот ќе се одржи и промоција на книгата „30 современи грчки автори“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 298, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.9.2025)