
Квартетот флејти „Аулос“ ќе настапи на „Скопско лето“
На „Скопско лето“ на 20 јули (среда), ќе се одржи концерт на квартетот флејти „Аулос“, во Национална галерија – Даут Пашин амам, со почеток во 20.30 часот.
Препорачано
Квартетот флејти „Аулос“ е присутен на македонската сцена речиси 14 години. Низ годините составот на ансамблот се менува, а го сочинуваат дипломирани флејтисти или студенти од класата на реномираниот професор по флејта Страшо Темков. Моментално дел од квартетот „Аулос“ се четири млади флејтисти: Јана Каевска, Пандорка Јанаќиева, Ангела Димковска и Александар Лолески, кои ја претставуваат новата генерација на квартетот.
За време на своето постоење ансамблот има постигнато значајни резултати, како Прва награда на Меѓународниот натпревар по камерна музика во Скопје, 2008 година; Прва награда на Меѓународниот натпревар по камерна музика во Ваљево, Србија, 2009 година, како и многубројни концерти во повеќе македонски градови и на повеќе културни манифестации, но и настап во Бугарија и Србија.
Концертната дејност на квартетот „Аулос“ продолжува, така што во изминатата година реализираа концерти во Михајлово, Кавадарци, за време на Летниот музички камп по флејта, хорна и труба; концерт во ОМУ „Боро Џони“ во Струмица; во НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово; во Музејот на македонската борба во Скопје и концерт во рамките на манифестацијата „Денови на европско Скопје“ во организација на Дирекција за култура и уметност – Скопје. Квартетот „Аулос“ се ексклузивци на Музичка младина на Македонија, преку што бележат и уште многу значајни концерти.