
Кузманоски: Амбициите на РК Бутел Скопје се да мине едно скалило во ЕХФ Европскиот куп
Ракометарите на Бутел Скопје го одиграа првиот пријателски натпревар во рамките на претсезоната. Подобар од играчите предводени од тренерот Горан Кузманоски беше вицепрвакот Вардар, кој на дуелот во Пехчево славеше со 33:21.
Препорачано
Шанса за настап од тренерот Кузманоски добија сите ракометари што се на располагање. Следните пријателски средби Бутел Скопје ќе ги одигра на Струшкиот турнир против Тиквеш и Раднички Крагуевац.
– Ќе бидеме дел од турнирите во Струга и Прилеп, ќе имаме доволно време да ги вклопиме новите ракометари во тимот, затоа што од септември ќе немаме време за ништо. Почнуваме со два меча во ЕХФ Европскиот Куп, потоа ќе се игра среда-сабота и ќе биде напорно темпо – вели Кузманоски.
Бутел Скопје го доби за ривал Дуделанж од Луксембург и против овој клуб ќе игра во првото коло од ЕХФ Европскиот Куп. Натпреварите ќе се играат на 6/7 септември (на гостински терен) и 13/14 септември 2025 дома.
– Амбициите остануваат исти како и минатата сезона, плус да минеме едно скалило во ЕХФ Европскиот Куп, без разлика што оваа сезона ја подмладивме уште повеќе екипата и имаме некои освежувања. Ќе се стремиме тие млади играчи, брзо да се вклопат во сениорскиот ракомет и во првиот тим. Играчите што веќе година, две, тропаат на вратата ќе им се укаже сега шанса и заедно со некои искусни играчи што ги имаме во првата седморка, со нивна помош, ќе изгледаме многу подобро. Секој почеток е мотивирачки, се надевам и оваа година ќе биде така. Во Бутел Скопје секогаш се бара екипата да има енергија, оваа сезона ќе мора да бидеме поенергични и поконкретни во одбрана, тоа ќе биде клучно заедно со транзицијата и брзиот напад, ќе гледаме да се усовршиме во тој дел – рече Кузманоски.