Али Ахмети, Албин Курти

Курти нема слух за долгиот јазик на Ахмети

Канонада од реакции, документи, снимки и изјави на Ахмети и на функционери од ДУИ беше упатена кон косовскиот премиер во одбрана на службената употреба на албанскиот јазик, откако Курти изјави дека албанскиот јазик во Македонија не е службен и дека закон за него не постои за тој да биде загрозен или да биде укинат.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети не ја доби поддршката за албанскиот јазик што ја побара од официјална Приштина. Косовскиот премиер Албин Курти по македонско-косовската владина седница изјави дека албанскиот јазик во Македонија не е службен и дека закон за него не постои за тој да биде загрозен или да биде укинат. По ова, уследи канонада од реакции, документи, снимки и изјави на Ахмети и на функционери од ДУИ контра косовскиот премиер и во одбрана на службената употреба на албанскиот јазик.

Различните позиции за албанскиот јазик дефинитивно ги дораскараа Курти и Ахмети откако косовскиот премиер прво преку свои советници активно учествуваше на последните парламентарни избори во Македонија на страната на Вреди, а сега и со ставот за (не)службената употреба на албанскиот јазик во државава. Ахмети, пак, само еден ден претходно при посета на поранешните соборци од ОВК во Косово, побара поддршка од косовската власт да му укаже на премиерот Христијан Мицкоски да не чепка во албанскиот јазик и во рамковниот договор.

Љуљзим Фаризи/Слободен Печат/фото Слободан Ѓуриќ

Фаризи: Изјавата на Курти ќе значи нова ера за македонско-косовските односи

Аналитичарот Љуљзим Фаризи во изјава за „Слободен печат“ вели дека се надева оти изјавата на Курти ќе значи нова ера во унапредувањето на македонско-косовските односи и конечно почеток на разобличувањето на пропагандата на ДУИ за состојбата на Албанците во Македонија.

– Средбата помеѓу владите на Македонија и на Косово е историска зашто почнува нова ера во односите помеѓу Албанците и Македонците во нашата држава. Изјавата на Курти дава можност и шанса односите меѓу Македонците и Албанците да бидат порелаксирани. Тезата на Ахмети и на Европскиот фронт еднаш засекогаш да се поткопа, односно се покажа дека тоа е само фолклор и борба за власт – смета Фаризи.

Мицкоски, Курти Фото: Влада

Тој објаснува дека Ахмети веќе е со „една скршена рака“ откако челниците на Демократската партија на Косово (ДПК) во 2021 година ги изгубиле изборите и кои сега се во Хашкиот трибунал. Додаде и дека лидерот на ДУИ секогаш оди во Косово да бара поддршка.

– Ахмети многу мудро ги повлекуваше потезите кај нас, односно секогаш кога му било најтешко, барал поддршка од поранешните косовски челници. Тој беше на власт 20 години, зашто и преку медиумите кај нас влијае и во Косово. Немањето релевантни информации во Косово, подразбираше дека има проблеми во меѓуетничките односи кај нас, во Македонија. Машинеријата на ДУИ пласира пропаганда во Косово, како да сме во периодот од пред деведесеттите години. По укинувањето на „балансерот“, сите медиуми во Албанија промовираа дека Македонија е на прагот на граѓанска војна, додека ние тука живееме најнормално и имаме добри односи меѓу сите етникуми. Тоа е поради недостиг на информации во Албанија, а особено во Косово. Тоа што се случи вчера е директен напад на пропагандата што ја врши ДУИ изминативе месеци. Изјавата на Курти ги поткопува лажните информации што ДУИ ги пласира во Косово, а граѓаните им веруваа. Имајќи предвид дека Курти е најмоќниот албански политичар во сите средини каде што живеат Албанците, сметам дека сега ќе се смени и матрицата на Албанците за тоа што ДУИ го пласира дека се случува во Македонија – вели Фаризи.

Тој смета дека по средбата МицкоскиКурти ќе се релаксираат односите меѓу Македонија и Косово и дури не само Албанците од Косово ќе мислат обратно од тоа што го размислувале досега, туку дека е голем чекор кон тоа Македонците да го сметаат Косово и Курти за голем сојузник на Македонија.

Бујар Османи: Изјавата на Курти е скандалозна и штетна

Наспроти ова, функционерите на ДУИ скокнаа во одбрана на албанскиот јазик, го повикаа Курти да ги коригира своите изјави и нему, како и на сите пратеници, министри и градоначалници, им го испратија Законот за употреба на јазиците за да ги убедат во официјалноста на албанскиот јазик во Македонија. Ахмети прексиноќа, од собир во Бутел, порача Законот за јазиците да му го пратат на Курти.

– Албанскиот јазик не се чепка, измиен е со крв, постигнат со многу напор и ги повикувам сите да го испратат законот за јазикот на пратениците, министрите, градоначалниците, на партиските лидери во Косово, затоа што се дезинформирани од албанските вазали во Владата без етнички легитимитет. Народот стои, народот е на фронтот, народот е на чело на отпорот и заштитата на еднаквоста, но и на европската иднина, затоа што ова веќе не е прашање на партија или моќ, туку меѓународно движење во одбрана на националниот идентитет и достоинство – порача Ахмети.

Фото фејсбук Бујар Османи

За потпретседателот на ДУИ Бујар Османи изјавата на Курти е скандалозна и штетна. Тој обвини дека Курти ја поткопува точката од Охридскиот договор, која регулира употреба на албанскиот јазик во Македонија, која е постигната преку измена на Уставот во 2001 година. Според Османи, македонската страна сметала дека албанскиот јазик треба да биде официјален само во општините со повеќе од 20 отсто Албанци, додека албанскиот јазик на сите нивоа е изедначен со македонскиот. Османи ја поврза изјавата на Курти со антиалбанската политика што, како што тврди, доминира во Македонија, и предупреди дека ова ја поткопува функционалноста на мултиетничката демократија во земјата. Османи на Фејсбук приложи извадоци од Законот за употреба на јазиците.

Артан Груби, пак, на Фејсбук објави видео од собраниската седница на која е донесен Законот за употреба на јазиците и напиша:

– Оваа драма, оваа емоција, оваа посветеност, пред шест години, во Собранието, го формализираше албанскиот јазик во Северна Македонија. Додека денес, со неверување и емотивна болка ја гледав скандалозната, неприфатлива изјава во служба на моноетничките политики на премиерот на Косово, која се однесува на светоста на албанскиот јазик во пресрет на Конгресот во Битола и даде зелено светло на етничкиот суд да го укине албанскиот јазик, бидејќи претходно ја елиминираа албанската етничка припадност. Дури и мачениците од Косово, заедно со нивните браќа и сестри, пролеаја крв за нашиот јазик – смета Груби.

Курти: Не е вистина дека албанскиот јазик е под закана во Македонија

Косовскиот премиер Курти по средбите со македонската владина делегација изјави дека не е вистина оти албанскиот јазик е под закана во Македонија.

– Во Северна Македонија нема закон за употреба на албанскиот јазик ниту, пак, имало во минатото. Постои Закон за употреба на јазиците што го говорат најмалку 20 отсто од граѓаните. А, тоа не е закон за албанскиот јазик, туку Закон за употреба на јазиците – рече Курти на прес-конференција по заедничката меѓувладина седница.

Албин Курти Фото: Влада

На линија со Курти се челниците на Вреди. Арбен Таравари и Изет Меџити. Тие изјавија дека косовскиот премиер не згрешил кога зборувал за улогата на албанскиот јазик во Македонија.

– Премиерот Албин Курти беше коректен, тоа не е законот за албански јазик. Во Уставот на Северна Македонија, службен јазик е македонскиот јазик и јазикот што го зборуваат повеќе од 20 проценти од населението. Во законот е вклучен и албанскиот јазик. Стратешката грешка е што не инсистиравме во одредени моменти да се повлечат 20-те проценти – Таравари во „Интерактив“ на КТВ.

Тој го обвини Ахмети дека додека бил на власт, не направил ништо за да ја отстрани формулацијата „20 отсто“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот