Храна со омега 3 / Фото: Piotr Malczyk / Alamy / Alamy / Profimedia

Купуваме, не дојадуваме и фрламе печива, овошје и млечни производи

Во 2023 година на депонијата Дрисла во Скопје завршиле 1.662 тони храна, а лани на неа биле истурени дури 13 отсто повеќе прехранбени производи или 2.242 тони, покажува Извештајот за работењето на ЈКП Дрисла за 2024 година

Огромен дел од храната што ја купуваат граѓаните завршува на ѓубриште. Тоа значи дека веќе не важи старото правило на кое инсистираа нашите баби и мајки – да не се остава ништо на чинијата. Се проценува дека никогаш не се дојадува околу 30 отсто од храната произведена или увезена во Македонија и иако се смета дека сме далеку под европскиот просек, сепак Македонија е меѓу првите десет земји што фрлаат најмногу храна.

Се проценува дека најмногу се фрлаат житарки и пекарски производи, овошје, зеленчук и млеко и млечни производи. Бројките го докажуваат горекажаното, па така во 2023 година на депонијата Дрисла во Скопје завршиле 1.662 тони храна, а лани на неа биле истурени дури 13 отсто повеќе прехранбени производи или 2.242 тони, покажува Извештајот за работењето на ЈКП Дрисла за 2024 година.

Сè уште нема податоци за оваа година, но јасно е дека бројките ќе бидат уште поголеми и поради фактот дека според Законот за нефер трговски практики, веќе не се признава поврат на непродадената стока. Тоа според дел од трговците со кои разговараше „Слободен печат“, значи дека сето она што нема да успее да се продаде до истекот на рокот за употреба, мора да заврши на ѓубриште.

Извештајот на ЈКП Дрисла открива и уште еден интересен податок – дека лани најмногу храна била фрлена во мај – 427 тони, потоа следуваат октомври со 256 и декември со 240 тони. Инаку, лани ЈКП Дрисла оствариле 6,8 милиони денари приходи од депонираната храна по цена од 3.100 денари за тон.

– Максимално внимаваме што и колку нарачуваме, бидејќи не се признава поврат на стоката која нема да се продаде. Најмалку еден месец пред истекот на рокот за употреба овие производи се ставаат на акција, а со завршувањето на рокот, сè што е непродадено мора нештетно да се уништи на депонија – брифираат трговците.

Во светот годишно се фрлаат милиони тони храна, а од друга страна милиони луѓе гладуваат. За овој глобален проблем во Келн и неколку други градови во Германија, група млади истражувачи од Македонија заедно со врсници од повеќе европски земји се на десетдневна едукација и со разни анкети и истражувања ги испитуваат причините и ги споредуваат количините на храна што завршува како отпад, објави СДК.

– Од разни извори дојдовме до непријатни податоци на локално ниво за Македонија и глобално во другите земји во Европа. Така, во Македонија годишно се фрлаат над 10.000 тони храна, а тоа значи ако еден килограм зготвена храна чини 150 денари и ако оброкот во просек се состои од леб, месо, овошје и млечни производи, дека штетата изнесува или како отпад годишно завршуваат околу 20 милиони евра. Помалку отпад ќе има и ако се применува правилен начин на исхрана и консумација на храната – вели студентката по дентална медицина Ана Данаилова.

Македонската група, составена претежно од активисти од Штип, утврдила дека Македонија по фрлањето на храна е под европскиот просек, односно по глава на жител кај нас секој годишно фрла по 80 килограми храна, а европскиот просек на фрлена храна по лице изнесува над 130 килограми на годишно ниво.

На едукативната и истражувачка средба во Германија, македонските претставници дошле до заклучок дека најмногу храна фрлаат угостителските објекти и маркетите. Најмногу храна се фрла во лето и за време празниците и разни прослави кога обично се готви повеќе храна, што значи дека недостасува попрецизна норма колку за такви околности ќе има потреба од храна и најчесто тогаш се создаваат вишоци. Затоа, предложиле мерки и активности како да се подобри ова прашање на глобално ниво. Главно, за сите земји неопходно е пред сѐ да се спроведуваат пошироки едукации со населението да не се готви вишок храна и како да се намали фрлањето храна, нејзино готвење, но и соодветно чување.

Отпадот од храна во домаќинствата (ОХ) има огромно влијание врз животната средина и социо-економските влијанија. За време на пандемијата во Македонија беше спроведена анкета за да се истражат перцепциите и ставовите кон отпадот од храна на ниво на домаќинство. Самопополнет прашалник беше достапен онлајн од 15 мај до 30 јуни 2020 година, а големината на примерокот беше 754.

Многу висок процент од испитаниците (94,16%) изразија висока свест за фрлањето храна и изјавија дека се грижат за ова прашање, обидувајќи се да го избегнат фрлањето храна колку што е можно повеќе. Покрај тоа, резултатите покажаа дека 41,38% од испитаниците мислат дека треба да фрлаат мала количина храна, додека 27,98% изјавуваат дека не фрлаат речиси ништо. Во меѓувреме, 52,39% од испитаниците веруваат дека не фрлаат храна што е сè уште потрошна. Околу 22,54% од нив мислат да фрлаат помалку од 250 г, по што следуваат оние што мислат да фрлаат помеѓу 250 и 500 г (18,04%). Анкетата покажа дека најфрланите групи храна се житарки и пекарски производи, овошје, зеленчук и млеко и млечни производи.

Мора да се скрои правна рамка за донирање на вишоците на храна

 

Банката за храна Македонија, веќе 15 години се бори против фрлањето храна како отпад и против гладот во земјава, а оваа организација се занимава со собирање вишоци храна од производители, дистрибутери, супермаркети и ресторани. Храната се складира, евидентира, сортира и дистрибуира до различни категории на социјално загрозени лица. Членка е на Европската федерација на банки за храна, која вклучува повеќе од 420 банки за храна.

Една од клучните аспекти на работата на „Банка за храна“ е зголемувањето на свесноста за потребата од донесување закон за донирање вишок храна. Христов истакнува дека веќе 10-12 години работат на создавање правна рамка што ќе ги регулира и обврските на операторите за храна, какви што се производители, трговци и дистрибутери, за да може храната што е вишок да стигне до потребните семејства. Тој нагласува дека сè уште не постои соодветен закон што ќе ја регулира оваа област во Македонија, додека во многу европски земји, па и во Америка, постојат вакви закони.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот