
Кумановскиот центар за култура со повик до младите да волонтираат во установата
НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев” објави конкурс за волонтери, млади кумановци коишто сакаат да помагаат во организација на настаните во институцијата, информираа денеска надлежните. На овој начин младите ќе можат да го поминат слободното време и ќе придонесат во реализација на настаните од областа на културата.
Препорачано
Имавме искуство минатата година за „Денови на комедија” и навистина имаше одличен одзив на млади луѓе, кумановци кои сакаат да бидат тука со нас, ни помагаа во организацијата на фестивалот и сигурни сме дека и оваа година ќе се пријават млади луѓе, сите кои имаат интерес да бидат во културата со нас да организираме заедно настани. Искуството беше одлично и за нив и за нас, сигурен сум дека ќе дојдат и ќе се пријават во Центарот за култура и оваа година. Ние ги повикуваме младите луѓе од 18 до 28 години, меѓутоа секој кој сака, кој има желба, интерес, кој има слободно време може да дојде во Центарот за култура и да помага во организацијата на настаните. Настаните најчесто сè во вечерните часови така што потребно е да бидат тука со нас, да ги организираме и да присуствуваат на настаните, едноставно сите заедно да соработуваме, изјави Тодоровски.
И годинава Центарот за култура продолжува со активности од различни дејности, изложбена, литературна дејност, претстави, фолклор.
Годинава веќе имаме закажано во јануари изложба на 26-ти. На 27-ми јануари гостуваме со нашата изложба „Кумановски графичари” во Музеј на Град Кавадарци и Неготино, на крајот на јануари имаме и промоција на книга за Горан Стефановски, така што очекуваме богата културна програма и оваа година, а најпрвин ја очекуваме Годишната програма од Министерството за култура која треба да се објави на почетокот на месец февруари за да знаеме со кои финансиски средства располагаме, кои проекти ни се одобрени се со цел да можеме да ја реализираме програмата, изјави Тодоровски.
Кумановскиот центар за култура „Трајко Прокопиев” минатата година доби 5,5 милиони денари од Министерството за култура за реализација на годишната програма.