
Културно наследство: Виртуелно доживување на археолошкиот локалитет Стоби
Виртуелно доживување на археолошкиот локалитет Стоби посетителите ќе ги врати во минатото, а преку социјалните медиуми ќе има можност да се присуствува на виртуелна гладијаторска борба во театарот на Стоби во 2. век од н.е.
Виртуелното доживување е изработено преку проектот „Откривање на римскиот град Стоби – Виртуелно искуство“ со цел да ја зголеми туристичката понуда на Стоби преку обезбедување на нови искуства на локалитетот. Користењето на технологијата во промоција и доближување на културното наследство е можност да се привлечат повеќе посетители, пред сѐ, нова млада публика.
Препорачано
Апликацијата за виртуелна реалност ќе им овозможи на посетителите на Стоби да добијат предно седиште во 3Д реконструираниот театар и на тој начин да ја доживеат гладијаторската борба како дел од публиката во гледалиштето. Целото искуство ќе биде збогатено со автентична атмосфера карактеристична за еден ваков настан, како и со големината и монументалноста на овој империјален објект.
Проектот е поддржан од Регионалниот совет за соработка (Regional Cooperation Council) и финансиран од Европската унија, а го реализираат Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“ од Скопје и Националната установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 45, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 22-23 август 2020)