Култниот знак „Холивуд“: Најпознатиот билборд во светот го слави својот 100-ти роденден

Фото: Пекселс/ paul-deetman

Обновен и свежо обоен, култниот знак „Холивуд“ висок 15 метри во Грифит Парк, во планините над Лос Анџелес, го слави својот 100-ти роденден. По специјалните настани во текот на годината и објавувањето на големите планови за одбележување на јубилејот на оваа атракција, главната забава ќе се одржи во декември на булеварот „Холивуд“, пишува „Пункуфер“.

Иако не е познат точниот датум кога е поставен, вечерта на 8 декември 1923 година, за прв пат се запалил огромниот натпис од тринаесет букви и тоа во три фази: „Холи“ (Holly), потоа „Вуд“ (Wood) и на крајот „ Ленд“ (Land), а потоа и целиот натпис „ Холивудленд“ (Hollywoodland).

Фото: Инстаграм/ hollywoodsigntrust/ ryantorresphotography

Тоа требало да биде само обичен осветлен оглас за продажба на недвижен имот во новиот градски кварт и после година и пол да се демонтира. Сепак, иако е сакан и мразен, тој сè уште стои. Одамна стана незаменлив детал од разгледниците и филмовите, симбол на цел еден свет и индустрија и култна атракција на Лос Анџелес.

Поставен е во 1923 година, како голема светлечка реклама за станбениот комплекс што се градел под него во Холивуд Хилс. Имал четири букви повеќе од оној што го знаеме денес, бидејќи на него било напишано името на новата населба – Холивудленд (Hollywoodland).

Првите новинарски написи во весниците за „електричниот знак“, кој бил „засилен“ со 4.000 светилки што го осветлувале ноќе, се појавиле во декември 1923 година. Овој дотогаш невиден ефект бил вистинско чудо бидејќи ништо слично не постоело во светот во тоа време: Вегас почнал да се гради дури две децении подоцна.

Фото: Пекселс/ alex-barnes

Во 1932 година, младата актерка Пег Ентвистл, која таблоидите ја нарекле „The Hollywood Sign Girl“ се самоубила фрлајќи се од 15-метарската буква „h“ и така стана трагична и трајна инспирација и симбол за дискусии за привлечноста и опасностите на Холивуд.

Натписот потоа станал омразен, до почетокот на 1940-тите бил целосно оштетен, а долго време не бил ни осветлен бидејќи било прескапо, па на крајот на деценијата било одлучено да се обнови, но без последните четири букви, и така стана „Холивуд“.

Фото: Пекселс/soly-moses

Во 1973 година, натписот бил прогласен за културно-историски споменик на Лос Анџелес, но и покрај тоа, тој сè уште не бил вистински одржуван, па кога првата буква се срушила и останал само „Оливуд“, бил исмеван.

Подоцна, врвот на буквата „д“ и целото трето „о“ спектакуларно се тркалале по планината, а втората „л“ била запалена од пироман. На крајот на 1970-тите, тој бил спасен од таткото на „Плејбој“, Хју Хефнер. Тој организирал „продажна забава“ во својата позната вила, а купувачи биле познати личности или компании, меѓу другите Алис Купер и „Ворнер Брос“. Сумата од околу 27 илјади долари по буква била доволна за целосна реставрација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот