Фото: VANIA BARBARA / Wikimedia

Кругот на врсничкото насилство мора да се прекине од страна на семејството

Наставниците, како што велат, ги поттикнуваат родителите да го сменат досегашниот ритам на поминато време со своите деца и да им посветуваат повеќе време во кое правилно ќе ги воспитуваат и ќе ги научат кои се границите на нормалното однесување.

Психолозите играат директна улога во справувањето со врсничкото насилство. Тие се тука за да им пружат поддршка на децата кои се жртви на врсничко насилство, но и за да ги информираат и подготват за тоа како да се справат со ваква ситуација.

Денот посветен на децата, нивното ментално здравје, среќа и благосостојба е 20 ноември. Оваа година, во Македонија беше одбележан преку промовирање на видео „Да го прекинеме кругот на врсничкото насилство!“ со цел да се подигне свеста за промовирање на правата на децата и заштита на децата од врсничко насилство.

Секоја година, врсничкото насилство меѓу децата – учениците од основните училишта зема сѐ поголем замав, со што секоја година се зголемуваат и апелите на родителите и на вработените во училиштата за прекинување на овие насилни дејствија меѓу учениците.

Луѓето кои директно придонесуваат за разрешување на проблемите, поточно за последиците од врсничкото насилство се психолозите. „Слободен печат“ разговараше со психологот Никола Дукоски, дипломиран психолог и Гешталт терапевт во супервизија.

Тој работи со деца и ни одговори колку често доаѓаат децата до 10-годишна возраст на психотерапија, кои теми се најзастапени, колку често за темата за врсничко насилство се зборува на сесиите и како ги советуваат децата и родителите да постапуваат во вакви ситуации.

– На возраст до десет години, на психотерапија доаѓаат деца едниствено по иницијатива на родителите. Се соочувам со сè посвесни родители, кои превенираат и сакаат да го заштитат детето од вербални или физички напади – рече Дукоски.

Според него, тие најчесто работат со децата на механизмите за справување со вакви ситуации.

– За среќа, од оваа перспектива не ги расветлуваме ситуациите кои се случиле, туку ги јакнеме механизмите за справување на детето и соодветно поставување и разбирање на ситуацијата – изјави тој.

Честопати психолозите соработуваат со наставниците и родителите, за да превенираат некои понатамошни насилнички дејствија меѓу децата, како и да им пружат поддршка на овие жртви.

– Секако значајно е и да се менува системот во кој детето делува, односно опкружувањето каде што се случува насилството, па неретко ние психотерапевтите знаеме да се договараме со наставниците и родителите за соодветно да го поддржат и да го разберат детето. Тоа е и најважната нишка во поддршката, детето да биде разбрано од сигурните зони, за да може да се соочува со предизвикот и соодветно ненасилно да се спротивставува – рече психологот  Никола Дукоски.

За тоа каква е улогата на наставниците во спречување на насилство меѓу учениците говори Ирена Павлоска, одделенски наставник од ООУ „Круме Кепески“ во Скопје. Според неа, врсничко насилство е сè поактуелна тема во училиштата и воопшто во општеството, а тие како наставници секојдневно се соочуваат и гледаат несоодветно ученичко однесување кон други соученици, но и кон вработените во училиштето.

Врз зголемениот порив на учениците кон насилно однесување, вели дека влијаат многу фактори, а најголема одговорност за воспитанието и поведението на едно дете има кај семејството, иако „заслуга“ за недоличното и насилно однесување на учениците имаат воспитно-образовните институции, социјалните, психолошко-педагошките служби, невладините организации и воопшто целиот систем.

На прашањето како да се подобри состојбата, вели дека е потребно итно системско преземање на чекори.

– Разговори, многу, многу разговори, најпрво со учениците (кои траат во континуитет на целото школување), потоа со стручната служба и колективот и секако разговор и насоки со родителите. Нашето брзо темпо на живеење, ги „принудува“ родителите да поминуваат сè помалку време со своите деца, а со тоа е скратено времето и за воспитниот дел којшто треба да биде реализиран од страна на родителите. Ние како наставници, ги поттикнуваме родителите да го сменат досегашниот ритам на поминато време со своите деца и да им посветуваат повеќе време во кое правилно ќе ги воспитуваат и ќе ги научат кои се границите на нормалното однесување – ни изјави Павловска.

Христина Стефановска, психолог и автор на детска литература, пак, смета дека последица од врсничкото насилство се психолошки состојби кои се забележуваат на секоја возраст, но најчесто кај деца од 6 до 14-годишна возраст.

– Поривот за вршење на врсничко насилство најчесто е резултат на незадоволството кај детето насилник, или од семејниот систем и односите или незадоволство од самиот себе, односно ниска самодоверба. Може да се случи и самото дете да е жртва на насилство и истото да го компензира во вид на емоционална правда врз друга социјална средина или дете кое расте во средина каде основните човечки вредности не се негуваат и воспитуваат. Во секој случај на ова дете му е повеќе од потребна психолошка поддршка и помош – вели Стефановска.

Психологот Стефановска, која воедно е и автор на детска литература, апелира за вклучување на литература во која се обработуваат теми за врсничко насилство во училиштата, која би дала голем придонес во кампањите за стопирање на врсничкото насилство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот