
Криза во Франција: Идеално за Русија?
Во Франција владее политички хаос што го става претседателот Емануел Макрон под притисок. Какви импликации има ова на меѓународно ниво?
Протестот како што во Франција често се случува, наликуваше на улична забава. Големи балони летаа од комбињата на синдикатите, музика трештеше од звучниците. Долж рутата за маршот низ источен Париз се продаваа колбаси и пијачки. Според властите, 55 илјади лица излегле на улиците во главниот град, а 500 илјади низ цела Франција.
Препорачано
Синдикатите пак наведуваат дека имало околу еден милион демонстранти. Веселиот протест го отслика растечкиот гнев на Французите кон нивните политичари – пред сѐ кон претседателот Емануел Макрон, за кого според анкетите само уште 17 проценти имаат позитивно мислење. Рекордно ниско ниво. Растечкиот притисок врз Макрон има и меѓународни импликации.
Бесна заради политичката ситуација, низ Париз во четвртокот попладне маршираше и Карин Торсе со околу 50 колеги од индустријата за видео игри.
„Ова е прв пат да учествуваме на демонстрација како група“, вели за ДВ 33-годишната жена, членка на синдикатот ЦГТ.
Таа зборува за „шок“ и резигнација што ја почувствувала кога поранешниот премиер Франсоа Бајру кон средината на јули објави дека има намера да заштеди околу 44 милијарди евра во следната година и да го намали буџетскиот дефицит на Франција на 4,6 проценти од бруто домашниот производ (БДП).
Поради најавите француските синдикати го закажаа протестот во септември, особено затоа што Бајру сакаше да укине два државни празници, да спроведе намалувања во здравствениот сектор и реформа на системот за социјална помош во случај на невработеност. Тоа што премиерот во меѓувреме не успеа да добие доверба на гласањето во парламентот и фактот дека претседателот Макрон го замени со Себастијан Лекорну, претходно министер за одбрана на Франција, за Торсе не менува многу.
„Лекорну е уште полош од Бајру и сигурно ќе сака да спроведе уште построги мерки за штедење“, нагласува таа. „Ни треба конечно лев премиер кој ќе направи нешто за луѓето со ниски приходи и ќе ги оданочи богатите“, вели таа.
Хаосот во Франција се одразува и на ЕУ
Иако Лекорну го повлече укинувањето на двата неработни дена, тој сè уште не го објави својот нацрт-буџет кој мора да биде доставен до парламентот на почетокот на октомври.
Премиерот моментално преговара со пратеничките групи во парламентот во кој што нема мнозинство и се потпира на лабава малцинска влада од десниот центар и конзервативните. Старите министри се во својство на преодна влада. Тоа се одразува и на т.н. француско-германски мотор, кој во ЕУ го диктира правецот, вели Пол Морис, генерален секретар на Студискиот комитет за француско-германски односи во тинк-тенкот Ифри со седиште во Париз.
„Работата на бројните административни нивоа во билатералните комитети тече, но според регулативата од 2024 година транзициските министри во Франција донесуваат одлуки само кога се апсолутно неопходни – на пример, во финансиска криза“, објаснува експертот во интервју за ДВ.
„Освен тоа се потребни пари за да се работат проекти, како што се инвестиции во одбраната, што е еден од приоритетите на европско ниво“, додава тој. Внатрешнополитичкиот хаос се чувствува и на паневропско ниво, вели Софи Порншлегел, која е политички соработник во левичарско-либералниот берлински тинк-тенк „Прогресивен центар“.
„Макрон интерно е толку зафатен што има малку време да се фокусира на надворешната политика и на Европа. Постојаните флуктуации на министерските места ја отежнуваат и забавуваат работата во европските совети на министри, кои на пример се одговорни за аграрната политика “, вели таа.
„Освен тоа, се испраќа порака и до финансиските пазари, дека Франција пак има нов премиер, четврт за две години“, нагласува таа за ДВ. Франција сега веќе за рефинансирање на државниот долг плаќа исто колку и Италија, чиј национален долг изнесува 130 проценти од БДП, околу 20 процентни повисок од францускиот.
„Во дипломатијата е важно да се проектира сила. Но, во моментов преовладува клише претставата за Франција во штрајк“, вели експертката.
Дали Путин има причина да се радува?
Жан Писани-Фери, виш соработник во институтот за економски истражувања „Бругел“ од Брисел и професор по економија на универзитетот „Сајенс По“ во Париз, се согласува дека сегашната ситуација ѝ штети на угледот на Франција. „Претседателот на земја во финансиски потешкотии по сила на околностите е заслабен. Гласот на неговата земја има помала сила – дури и во преговорите на европско ниво“, смета Писани-Фери во разговор со ДВ.
„Мора да го вратиме буџетскиот баланс, но тоа нема да биде лесно. Важно е економијата на Франција да продолжи да расте. 44 милијарди евра заштеда е премногу. Мерките треба да бидат праведно распределени меѓу луѓето со ниски и високи приходи“, смета Писани-Фери.
За Жан Ровни, професор по политички науки во Центарот за европски студии и компаративна политика во Сајенсес По Париз, ситуацијата во Франција влијае и на други сфери.
„Кога Франција е ослабена, ослабена е и ЕУ. Тоа им се допаѓа на сопернички режими како Кина и Русија“, анализира тој за ДВ и додава дека „за рускиот претседател Владимир Путин тоа што се случува во Франција во моментов е идеално.
Тој сигурно се надева на уште повеќе штрајкови, политичка несигурност, а со тоа и на поддршка за крајната десница. Путин ќе се обиде таквите тенденции да ги поттикне со ширење лажни вести. Тој на крајот на краиштата сака да ги дестабилизира европските земји и да шири политички хаос“, смета Ровни.
Такви размислувања на многу од демонстрантите во четвртокот воопшто не им паѓаа на ум. Еден од нив, Тиери Дубер, кој порано работел како раководител на производство во фабрика за уништување на муниција од Првата светска војна вели дека „повторно треба на 60 години – а, не на 64 како што ќе биде од скоро – да се оди во пензија. Денес вработените ги третираат само како ресурси, но ние сме сепак човечки суштества. Јас сум против враќањето во средниот век“, вели 62-годишниот пензионер, кој на протестот беше облечен во блуза со синџири.
Извор: Дојче веле/ Автор: Луис Лиза