Криштопанс:  Самсоненко ни вети дека ќе ни исплати тоа што ни должи…

Летонскиот ракометар Даинис Криштопанс кој беше еден од најзаслужните за минатогодинешниот триумф на Вардар во Лигата на шампионите, се подготвува за новата сезона и преселбата во ПСЖ каде повторно ќе работи со Раул Гонзалес.

Криштопанс во интервју за „брз центар“ зборува и за Вардар каде ги оствари најголемите успеси во досегашната кариера.

– Мислев дека многу знам ракомет, а излезе дека правев речиси се погрешно. Во Вардар го научив шпанскиот систем на игра, да обрнувам внимание на сите детали кои се клучни за да се дојде до успех. Сосема поинаку ја разбирав тактиката додека не дојдов за да играм за Раул Гонзалес во Вардар. Најтешка ми беше првата сезона, кога бев единствено засилување на тимот што стана европски првак. Многу време минував на клупата, но знаев дека треба што поскоро да го стигнам нивото на соиграчите, не на физички туку на психолошки план. Во нападот имавме толку многу додавања и комбинации, невозможно беше сето тоа да се научи низ само еден или два тренинзи, мораше да помине време – вели Криштопанс.

Летонецот ви текот на сезоната одлучи да замине од Вардар поради финансиската криза и се пресели во германскиот Фуксе Берлин. Криштопанс се надева дека поранешниот сопственик на Вардар, Сергеј Самсоненко, ќе си стои на ветеното и ќе му ги исплати долгувањата.

– Останаа долговите од Вардар. Има ветување од Самсоненко дека ќе бидеме исплатени до крајот на годинава, и надевам дека ќе го исполни тоа ветување.
Состојбата во клубот, целокупната атмосфера стануваше сѐ потажна, бидејќи слушавме ветувања што не се исполнуваа. Покрај тоа, сѐ повеќе растеше улогата во клубот на Михајло Михајловски, за кого знаевме дека ќе го преземе управувањето. Тој повеќе се интересираше за случувањата за наредната сезона, па кога дојде понудата од Берлин решив да ја прифатам. Последен со кој што се слушнав од поранешните соиграчи е Глеб Калараш кој ми ги кажа информациите поврзани со Вардар – додава летонскиот бомбардер.

Следна станица во кариера на Криштопанс ќе биде францускиот ПСЖ каде повторно ќе работи со Раул Гонзалес.

– Кога си одеше од Скопје, Раул ми порача дека ќе ми се јави за да ме побара во ПСЖ. Тоа ми остана во главата, бидејќи сакав пак да работам за тренерот од кого научив толку многу за само една сезона. Го чекав речиси цела година, а тогаш ми се јави и ми кажа: Даинис, се сеќаваш ли што ти ветив… Ми ја објасни својата визија за клубот и каде ме гледа мене во целиот тој проект
– вели Летонецот за „Брз центар“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот