Полицајци патролираат низ Скопје / Фото: СП. архива

Криминал насекаде, позорникари никаде: Граѓаните гневни, МВР се фали

Обиени подруми во станбени згради и украдени велосипеди од влезови. Вандализам на секој чекор. Искршени детски игралишта, се палат канти за отпад, а сето тоа се случува по градските населби. Се ограбуваат и обложувалници. Навременото спречување на ваквиот вид на криминалитет е еднаков на нула, реагираат граѓани со кои разговараше „Слободен печат“.

Скопјанката Виолета Анѓелковска во понеделникот околу 16.30 часот била ограбена во скопската населба Мичурин. Разбојниците ѝ ја украле чантата, па ја турналe жената која изгубила рамнотежа и паднала на земја. Истот ден, таа на социјалните мрежи објави пост во кој ги замолува познаниците и сите оние до кои ќе допре постот ако некаде случајно најдат црвен паричник со документи, лична карта, кредитни картички, да ја контактираат.

Ден подоцна, околу 20 часот Р.В.(37) од Скопје, пријавила дека околу 16.30 часот на место викано „Пеленица”, нејзиниот син и уште тројца негови другари физички биле нападнати од четири лица, а едно од лицата употребило и тврд предмет.

Овие случаи се само дел од низата криминални дела кои во еден ден се случуваат во Скопје, но и во другите градови низ земјава. Голем дел од нив, велат граѓаните со кои контактиравме, немало да се случат ако имало присутност на полицијата на терен, посебно на позорникарите или маалските полицајци. Токму оваа формација од полицијата, барем така тврдат од МВР, веќе четири години шета по улиците низ градовите и сите населени места ширум земјава и патролираат, а нивна задача е пред се да го намалат криминалот и девијантните однесувања во земјава.

Работата на маалските полицајци е превентивна. Нивна задача е да интервенираат секогаш и секаде каде што има нарушување на законот и на јавниот ред и мир, без разлика на време и место. Но, дали позорникари има и дали тие го намалија криминалот? Како стојат работите на терен?

Обиени подруми во станбени згради и украдени велосипеди од влезови. Вандализам на секој чекор. Искршени детски игралишта, се палат канти за отпад, а сето тоа се случува по градските населби. Се ограбуваат и обложувалници. Навременото спречување на ваквиот вид на криминалитет е еднаков на нула, реагираат граѓани со кои разговараше „Слободен печат“. По главните сообраќајници се вози како на рели трки, а по маалата има повеќе дилери и наркозависници отколку чувари на редот.

– Само слушаме на вести дека пиромани палат контејнери. Каде се полицајците? Се обиваат домови, се ограбуваат продавници, пошти и банки како да сме Дивиот Запад. Постојано читаме дека има дрски разбојништва на улиците. Се намали бројот на грабежи, разбојништва и кражби? Според мене не. Не се намали ниту бројот на зависници и дилери. Јас не. Иако во општина Аеродром кадешто јас живеам видливо на булеварите е присуството на полициски возила, се чувствувам како во нив да нема полицајци – коментира скопјанката Слоботка Аврамовска.

Позорникарите низ Аеродром ги гледав во периодот кога Владата наложи носење маски на отворено, вели скопјанката Ирена Бошевска.

– Ги имаше оти требаше да пишуваат казни. Пред и потоа, не сум видела позорникар да шета, ако не низ мааало барем по булеварите особено онаму каде постои индиција дека се случуваат инциденти – вели Ирена Бошевска.

Позарникарот или маалскиот полицаец како проект почна во Куманово, а заврши во Скопје. На пример, вкупно 70 позорникари на 17 позорни реони патролираат низ кумановските улици. Во Скопје овој број надминува тристотина. Враќањето на маалските полицајци од полицијата го оценуваат како голем успех за полицијата. Според нивните анализи, се постигнувале зацртаните мерки, меѓу нив и намалување на стапката на криминалитет во земјава.

Од МВР тврдат дека од доаѓањето на актуелното раководство на МВР во 2017 година, интензивно се спроведува проектот за враќање на маалскиот полицаец, односно позорникар и тој се имплементира во голем број градови, а резултатите се видливи, односно се намалува криминалитетот, за што јасно покажувале статистиките.

– Во последните девет месеци и истиот период од 2020 година, а согласно евиденциите кои ги води Секторот за внатрешни работи во Скопје, кривичните дела кои се гонат по службена должност и прекршоците за кои се примени пријави се во намалување во споредба со истиот период во 2020 година. Бројот на тешки кражби е намален за 23 отсто, а зад сето тоа е постапувањето на полицијата и позорникарите кои придонесуваат за зголемување на довербата на граѓаните кон полицијата – додаваат од МВР.

Инфографик: Слободен печат / Елисавета Бејкова

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот