
Крик за клик – дигитализацијата на јавните услуги ќе донесе огромен скок, но се спроведува со мали чекорчиња
Не е тоа само наша желба, ние како држава мора да бидеме во тек со имплементацијата на стандардите на ЕУ. Нас нè притискаат од Брисел да го имплементираме ова, како и за другите потребни реформи. Оваа тема не е запоставена. ЕУ усвои свој „дигитален компас“ и се следи имплементацијата на програмата „Дигитална Европа“ во сите членки, а и ние сме членка, вели ексминистерот Азир Алиу
Јавната администрација на иднината е дигитална администрација, која брзо и ефикасно ги услужува граѓаните и компаниите во сите јавни сфери – издавање на кои било документи, плаќање на услуги, учество на конкурси, полагање на испити, вадење на разни дозволи, двонасочна комуникација на релација администрација-граѓанин итн. Можностите се огромни затоа што дигиталниот свет допрва се развива, а Македонија како држава е силно определена да оди чекор во чекор со тој свет – и засега „оди“, ама само на хартија! Се пишуваат закони, правилници и стратегии, од кои дел се донесени, дел допрва ќе се усвојат, но брзината на имплементација на теренот е далеку од задоволувачка. Напротив, се назадува и дури и во областите каде што услугата била добра!
Препорачано
Македонија од лани е полноправна членка на програмата „Дигитална Европа“ чија цел е граѓаните на ЕУ да ги имаат сите сервиси во дигитална форма, да имаат пристап до услугите во реално време и да добијат транспарентност од сите јавни институции. Но, исто така, од лани, граѓаните се вратени со децении наназад во добивањето на основната услуга од државата – редовна замена на истечени документи за идентификација, лична карта и пасош. Ако до 2022 година овие документи се добиваа брзо и едноставно, состојбата во 2023 година ја покажа во полн раскош неисполнителност на системот базиран на рачна обработка на хартиени барања, па информацијата дека имаме некаков „Дигитален компас“ кој ќе нè упати како до 2030 година да бидеме целосно дигитализирано општество – делува како парадокс! Наместо во целосно дигитализиран процес со неколку клика да ги заменат документите, граѓаните, втурнати во принципот од минатиот век „прв дојден прв услужен“, беа принудени и по неколку дена напразно да чекаат редица без воопшто да дојдат на ред до шалтерот!

Со таквиот недостоинствен третман што се врежа во умот на граѓаните, тешко е да се замисли дека и ова македонско општество ќе стигне во скоро време да биде на исто ниво, со, на пример, данското општество, каде вадењето на лични документи уште пред децении е едноставна, „секунда работа“, а Данците си го трошат времето на попаметни нешта.
Ранѓеловиќ: Ефикасни институции, среќни граѓани
Но, освен простата ефикасност и едноставност на нештата, граѓанинот од дигиталната трансформација на општеството ќе добие нешто уште поважно – среќа.
Аналитичарот Иво Ранѓеловиќ, кој меѓу другото е и светски патник што го прошетал повеќе од половина свет и видел како функционираат нештата во држави на сите континенти, вели дека дигитализацијата во јавната администрација е еден од најзначајните развојни чекори на институциите во државава. Но, тој посочува и на друга важна придобивка, а тоа е подобрување на врската помеѓу институциите и – самото општество.
– Во тој контекст, постојат придобивки од дигитализацијата што се надвор од конвенционалните придобивки, како што се зголемената ефикасност, транспарентноста, достапноста, елиминирањето на корупцијата итн., и кои навидум изгледаат наивни, а се од огромно значење за сите нас. Една таква придобивка е разонодата на граѓанинот. Сега, за повеќето документи во секоја втора институција граѓанинот преживува цел еден процес кој одзема енергија и создава фрустрација. Потполнување на барања, начин на плаќање на истите, нејасни инструкции и ознаки, метежи и турканици, сето тоа ја одзема енергијата во секојдневието на една индивидуа и создава револт кон институцијата. Иако навидум наивно, овие фактори ја рушат социјалната хармонија помеѓу граѓанството. На тоа се надоврзува и корупцијата, каде што граѓанинот е принуден да се впушти во коруптивни дела, мито, со цел да дојде до одреден документ, макар платил и трикратно поголем износ за истиот – вели Ранѓеловиќ.

Луѓето, додава тој, не се должни да доживуваат тортура за да си извадат еден извод од матична книга на родени, на пример, или пак, имотен лист.
– И кога целиот тој процес го достигнува крајот, го земате имотниот лист, го носите каде што е потребно, за да добиете одговор дека истиот нема печат или нема единствен матичен број, односно не може да се смета за важечки. Тоа е всушност сржта на ваквиот систем во јавната администрација – тоталната недоверба помеѓу самите институции, апропо граѓаните. Токму во ваквите моменти се одважува дигитализацијата, која можеби не претставува волшебно стапче, но драстично ги олеснува работите на долг рок – вели Ранѓеловиќ.
Во многу развиени земји, на пример во САД, додава тој, постојат локални центри во кои ги оставате вашите биометриски податоци, кои пак подоцна се спроведуваат до сите потребни институции, за да нема повеќе потреба секаде да покажувате и докажувате кој сте и зошто сте.
– Во многу ЕУ членки, идентификациската карта (лична карта) содржи чип кој содржи буквално сè, од возачка дозвола до сопственост на имот и диоптрија на вашите очи. Најзначајната суштина на ваквата дигитализација не е исклучиво во олеснувањето на процесите во институциите, туку можноста да ја насочиме енергијата кон други нешта, кон останатите предизвици и убавини на животот, кон достоинството. Ќе повторам, во САД постои тој волшебен број „911“ каде што може да повикате од пожарна и брза помош до совет за проблемите на работа или со брачниот партнер, но кај нас кога ќе свртите број од која било институција, ако воопшто ја добиете, успех е да слушнете и „добар ден“. Едноставноста е всушност најтешкиот предизвик во животот, затоа и тешко чекориме кон дигитализацијата – вели Ранѓеловиќ.
Алиу: Дигитализацијата не е наша желба, туку обврска
Според доскорешниот министер за информатичко општество Азир Алиу, дигиталната трансформација повеќе не е прашање дали сакаме, туку е нешто што мораме да го направиме.
– Не е тоа само наша желба, ние како држава мора да бидеме во тек со имплементацијата на стандардите на ЕУ. Нас нè притискаат од Брисел да го имплементираме ова, како и за другите потребни реформи. Оваа тема не е запоставена. ЕУ усвои свој „дигитален компас“ и се следи имплементацијата на програмата „Дигитална Европа“ во сите членки, а и ние сме членка. Како членка имаме пристап до фондовите за дигитализација и на јавниот и на приватниот сектор, па немањето пари повеќе не може да е изговор. Треба само да се аплицира во тие фондови за разни проекти за дигитализација на услугите – вели ексминистерот Алиу.
Според него, една од главните придобивки за граѓаните од дигиталната трансформација ќе биде брзината и леснотијата со која се добива одредена услуга.
– Втора и најважна придобивка е намалувањето на корупцијата, која е најголем проблем во општеството. Третата придобивка е заштеда на време и на пари, затоа што нема да се чека во редица пред шалтер, туку бараниот документ или услуга ќе се добиваат од удобна позиција од дома или од канцеларија. Корисникот ќе може да следи до каде е процесот и ќе знае дали ќе го има бараниот документ за 12 часа, за 24 часа итн. Од ова произлегува дека придобивка ќе биде и заштеда на пари, затоа што услугата ќе биде поевтина, а нема да се губи време на патување и на чекање – вели Алиу.

Тој вели дека кај граѓаните има недоумици и недоверба во врска со одредени процеси, на пример, за дигиталниот идентитет за секој граѓанин, а за тоа, според него, се виновни властите затоа што не им објаснуваат доволно на граѓаните што ќе значи тоа.
– Дигиталниот идентитет, смартИД, е како лична карта. Секој граѓанин ќе добие свој дигитален број, кој ќе биде валиден за неговата идентификација пред сите институции. Дигиталниот идентитет секако дека ќе биде заштитен, државата ќе стои зад тој софтвер и ќе ја гарантира заштитата. Дигиталниот број секој граѓанин ќе го има на својот мобилен телефон. На пример, родителот ќе го запише детето во градинка со дигиталниот број, и потоа од градинката податоците ќе се префрлат дигитално за упис на тоа дете во основно училиште. Кога ќе дојде време за упис во средно, средното училиште ќе ги преземе пофатоците за ученикот од основното училиште. Значи, ќе нема потреба да се носат хартиени свидетелства при упис, да се чекаат редици. Нема веќе да се гледа сликата како онаа кога стотици студенти со часови чекаат во редици за да се запишат на факултетет од типот на ФИНКИ – вели Алиу.
Нема ништо без политика
Ќе има и е-писарници, додава тој, што е нешто како дигитална архива.
– Кога ќе се создаде некој документ за прв пат тој документ ќе добие единствен ИД број и со тој број ќе се следи документот низ институциите сè додека не се архивира во дигитална архива. Значи, ќе има тотална следливост на документите на единствен начин – вели Алиу.
Според него, она што е напишано во Националната ИКТ стратегија, според која треба во чекор да ги следиме европските земји за да имаме целосна дигитализација до 2030 година е – реално и изводливо.
– Но, важно е да се потенцира дека процесите мора да се одвиваат паралелно, инаку се напразни. Еден процес е поставувањето на соодветната инфраструктура, како телекомуникации, интернет-мрежа, софтвер итн., а вториот процес е обуки и тоа два типа – обука на генерирачите на дигиталните услуги, како и обуки на корисниците на овие мултимедијални услуги. Мора да потенцирам и дека дигитализацијата мора да е инклузивна, инаку ќе е штетна. Ние мора да овозможиме дигитални услуги и за лицата со посебни потреби, со оштетен вид, со оштетен слух итн., а во спротивно ќе имаме дискриминација, што е недозволиво – вели Алиу.
Главна точка за спроведување на Стратегијата е МИОА, а се предвидува да се отвори и Агенција за дигитални услуги, која ќе ги извршува политиките и решенијата на Министерството.
Алиу не заборави да спомене дека освен инфраструктура и знаење, има и трет фактор, кој, пак, е клучен за сето предвидено да се спроведе, а тоа е политичката волја.
– Ние подготвивме и закон за агенција за дигитална трансформација и тој закон е во владина процедура. Подготвуваме и закон за дигитализација на архивата. Понатаму, секако, сè зависи и од политичката волја да се усвојат и да се спроведат тие закони – заклучи Алиу.
Имаме 1.288 институции, а само 172 нудат е-услуги!
Националниот портал за услуги uslugi.gov.mk засега е местото каде граѓаните може да добијат електронски услуги, а кој беше промовиран во 2019 година. Во моментот на пуштање на порталот беа достапни информации за вкупно 690 услуги, од околу 1.300 постоечки јавни услуги, а по електронски пат можеа да се добијат 127 услуги. Во април 2020 година преку порталот можеше да се пристапи до 136 електронски услуги, а лани до околу 700.
Според познавачите, достапните дигитални административни услуги, не можат во целост да се наречат електронски услуги, бидејќи не го опфаќаат електронското, односно онлајн плаќањето, како и доставата на документите. На пример, за лични документи и да се аплицира онлајн, подигањето е задолжително на шалтер, со лично присуство.

Најчести услуги што ги бараат граѓаните преку овој портал се: запишување во матични книги на родени, венчани и умрени, стекнување на државјанство со потекло, издавање на пасош и лична карта за првпат, пријавување и одјавување за задолжително здравствено осигурување, надоместок на плата за време на боледување, запишување на дете во основно училиште, доделување на ученичка стипендија, постојана парична помош, паричен надоместок за помош и нега од друго лице, запишување на сопственост во Катастарот на недвижности, утврдување на данок на имот итн.
Статистиката на uslugi.gov.mk е следна: регистрирани се 165.354 корисници на системот за единствена најава, како и 124.610 корисници на порталот. Од вкупно 1.288 институции, услуги на порталот нудат 172 институции. Досега преку порталот се поднесени 77.123 барања, од кои во последните 30 дена се поднесени 3.412.