Фото: Приватна архива

Креативно студио со „Фреја“: Не постои лоша или грда рачна изработка знаејќи колку труд и љубов во неа е вложено

„Од сите материјали со кои досега ги изработував декорациите, глината, поради многубројните можности за моделирање и креирање, ми е најомилена“, вели Благородна.

Рачните изработки го пренесуваат личниот белег, топлината, љубовта и трудот на креативните луѓе. Нивните вешти раце и непресушни идеи се главните алатки во создавањето на рачните изработки од најразлични материјали, меѓу кои е и глината.

Благородна Ристовска од Скопје, која по професија е правник, своето време го користи да ја изрази креативноста и љубовта кон уметноста, создавајќи уникатни декорации од различни видови глина.

Но, нејзината мотивација не запира, па така преку својот мал бизнис „Фреја“, таа организира и креативни работилници во кои уживаат голем број клиенти.

Благородна, кога кај Вас се роди љубовта кон уметноста и креативната работа?

– Пред сѐ, благодарам на поканата за интервју. Откако знам за себе, рачните изработки и сѐ што создаваат креативците ми беше поинтересно отколку фабрички произведеното. Уште од мала им се радував на поставените тезги на некој настан или празник, каде што буквално можеше да се најде сѐ и сешто. Особено прошетките по новогодишните тезги во детството за мене беа невидена радост, а денес преубав спомен. Иако отсекогаш ме интересирала креативната работа, со неа почнав да се занимавам во декември 2021 година. Во периодот на предновогодишната еуфорија добив идеја сама да ги направам подароците за најблиските. Започнав со изработка на украси од волница, новогодишни венчиња итн. Искрено, многу ми се допаднаа, а исто така и на најблиските за кои беа подготвени, па оттаму произлезе и идејата тоа да ми прерасне во хоби во иднина и се роди идејата за профилот на „Фреја“.

Фото: Приватна архива

Изработувате најразлични декорации од глина. Од каде црпите инспирација за дизајните и дали прифаќате предлози од клиентите?

– Од сите материјали со кои досега ги изработував декорациите, глината, поради многубројните можности за моделирање и креирање, ми е најомилена. Изработувам различни декорации од повеќе видови глина, какви што се: глина за моделирање што се суши на воздух или „air clay“, пенлива глина или „foam clay“ и полимерната глина. Искрено, не можам да одлучам која ми е омилена, па затоа и сите ги користам во зависност од изработката. Инспирацијата ја црпам буквално од сѐ. Љубовта кон природата, животните, музиката, главно животот. Да не го заборавиме и Пинтерест, кој е непресушен извор на инспирација за сите креативци како и одличен простор за промоција на изработките. Покрај сопствените идеи, секогаш се добредојдени и прифатени предлозите и желбите на клиентите.

Фото: Приватна архива

Организирате и креативни работилници. Како дојдовте до идејата за вакви настани и за кого се наменети?

– Да, започнав и со одржување креативни работилници за кои сум особено среќна. Идејата произлезе од желбата да се обидам да ја разбудам креативноста кај учесниците, затоа што верувам дека секој во себе крие по еден мал уметник. Исто така, целта на работилниците е оттргнување барем на момент од динамичното темпо на живеење и дигиталната технологија, уживање во моментот и создавање нешто свое. Дел од креативните работилници се наменети за дечиња и ги одржувам во некоја од игротеките. Исто така, одржувам и работилници за возрасни. Неодамна одржавме две работилници во едно кафуле, а во претстојниот период во план ни се и други.

Фото: Приватна архива

Каков е интересот за ваков тип креативни работилници кај нас? И дали може да се живее од креативна работа?

– Интересот за досегашните креативни работилници е одличен. Мислам дека на сите ни треба малку поинаков вид забава. Особено сум среќна што првичната замисла за целта на креативните работилниците ми се исполни. Сите досегашни учесници во текот на работилниците ја поттикнаа креативноста во себе, а што е најважно во целиот процес заборавија на телефоните, уживаа и се забавуваа. Во однос на прашањето дали може да се живее од креативна работа, темата е дискутабилна. Сметам дека не е невозможно, особено што кај нас веќе постојат креативни бизниси што солидно заработуваат од тоа што го изработуваат. Секоја чест за нив, бидејќи се навистина поттик и мотивација.

Фото: Приватна архива

Дали постои некоја креативна техника што би сакале да ја усовршите и да ја практикувате во иднина?

– Уф, многу креативни техники би сакала да усовршам. Една од нив е т.н. botanical bas-relief техника или botanical casting. Извинете, не знам како би бил соодветниот превод на македонски јазик. Со оваа техника се користат материјали од природата: цвеќиња, тревки, ливчиња и слично и со помош на глина и гипс се добиваат тродимензионални уметнички дела.

Фото: Приватна архива

Кој е Вашиот совет до младите креативци што имаат талент, но немаат доволно храброст да ги претстават своите рачни изработки?

– Мојот совет за сите креативци е да веруваат во себе и да креираат со љубов. Не постои лоша или грда рачна изработка, знаејќи колку труд и љубов во истата е вложено. Како и да е убавината на рачната изработка е во нејзината уникатност, несовршеност и неповторливост. Исто така, да не се откажуваат од замислата, да продолжат да си го развиваат талентот и да ги споделат своите рачни изработки. Можеби токму нивниот профил ќе охрабри и ќе инспирира уште многу креативци во иднина.

Фото: Приватна архива

Благородна ќе им подари рачни изработки од својот асортиман на двајца читатели на „Слободен печат“. Доколку ви се допадна нејзината приказна и сакате да добиете подарок, пријавете се на имејл-адресата [email protected], со назнака „За подарок“, каде што ќе ни ги пратите вашите лични податоци – име, презиме, телефонски број и адреса на живеење. Со среќа!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот