Филмот „Неми филмови“ на Крсте Господиновски премиерно ќе биде прикажан пред македонската публика

Креативен поттик за домашната аниматорска сцена дава фестивалот „Флипбук филм фестивал“

Шестото издание на „Флипбук филм фестивал“ ќе се одржи од 7 до 10 август во Кинотеката на Македонија и ќе прикаже 110 филмови во главната, студентската, селекцијата на анимиран докуметарец, на анимирани музички видеа и европската панорама.

Главната селекција на „Флипбук филм фестивал“ ќе ги претстави наградуваните филмови од светските филмски фестивали од изминатата година, меѓу останатите и филмот „Хурикан“ на чешкиот автор Јан Саска, добитник на награди на „Санденс“, Анеси, Мелбурн, Лондон, „Вљубениот Кафка“ на Зане Оборенко, „Психонаути“ и „Како“ на хрватските автори Нико Радаш и Марко Мештровиќ, како и филмови од полска, шведска, белгијска, руска, грчка, француска продукција.

Анимиран филм „Хурикан“ на чешкиот автор Јан Саска

Во студентската селекција ќе бидат прикажани филмови од најдобрите европски школи за анимиран филм, наградуваните германско-ирански „Крушова градина“, француско-британскиот „Интермисија“.

Во категоријата анимиран-документарен филм ќе бидат прикажани седум наслови, меѓу кои наградуваниот „Саарвокадо“ на Виктор Ороско Рамирез, данскиот „Визуелизација на пресек“, францускиот „Мојот тинејџ блекаут“ прикажан во Отава и Клермон Феран итн.

На отворањето на фестивалот специјална проекција и домашна премиера ќе има филмот „Неми филмови“ на нашиот автор Крсте Господиновски, кој годинава во мај имаше премиера на Анеси и веќе освои неколку награди на филмските фестивали.

Убаво изненадување годинава се и бројот и квалитетот на пристигнати македонски анимирани филмови на отворениот повик на фестивалот. Во студентската селекција ќе бидат прикажани „Изгубено-најдено“ на Диме Ѓорѓиевски и „Мајчин инстинкт“ на Ема Зафировска, а во селекцијата на анимирани музички видеа ќе бидат прикажани „Еден ден“ на Ѓорѓе Јовановиќ и Александар Јосифовски и „Приспивна“ на Никола Радуловиќ.

Во европската панорама ќе бидат прикажани вкупно 31 филм, од кои пет македонски: „Бла-бла“ на Кристина Даниловска, „Последната светулка“ на Димитар Аризанов, „Желба“ на Ирена Поповска, „Дневникот на заведениот“ на Сашко Илов и Цеци Темкова, „Рега га е“ на Ивица Сирановиќ и „17 часот“ на Фјака Коколи.

На фестивалот ќе биде промовирана книгата „Калиграфи на филмското писмо“ на Влатко Галевски

Во рамките на фестивалот ќе бидат реализирани и изложби и работилници за производство на анимиран филм и флип-бук, а ќе бидат промовирани и книгите „Калиграфи на филмското писмо“ на филмскиот критичар Влатко Галевски, издание на „Флипбук букс“, и книгата „Штрих и стих“, издание на познатиот во светот на анимираниот филм „Компот колектив“, чии основачи Весела Данчева и Иван Богданов се дел од фестивалското жири.

Во жирито годинава членови ќе бидат и директорите на филмскиот фестивал „Анимест“ од Букурешт, Лиџа Соаре и Михаи Митрица, како и наградуваните српски автори на анимиран филм Никола Мајдак и Ана Недељковиќ.

Годинашното издание на „Флипбук филм фестивал“ е поддржано од Агенцијата за филм, Кинотеката и организацијата „Еко Свест“, која ќе додели награда за најдобар филм со еколошка тема.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 292, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-3.8.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот