Постер за филмот „Мавера“ на Батухан Ибрахим

Краткиот филм „Мавера“ е создаден низ лавиринти на креацијата

Независниот македонски краток филм „Мавера“ ќе има проекција на „Синедејс“ на 12 јули, во 20:30 часот, во Младинскиот културен центар.

– „Мавера“ е независен филм, го снимивме со сопствени средства. Иако овој принцип на работа е многу тежок и навидум делува ограничувачки, на тимот кој што беше со мене тоа воопшто не им беше битно, тие ги овозможија сите можни услови за да се реализира овој филм. Многу сум среќен поради тоа што сите, неуморно, ми овозможија краток филм да снимам 14 дена, веројатно ова се случува првпат кај нас, еден краток филм да се сними во толку многу денови. Но јас и мојот тим, одлучивме да покажеме дека ние не снимаме, туку создаваме филм. Според мене сето ова е доказ дека независниот филм постои – вели режисерот, сценарист и продуцент Батухан Ибрахим.

Филмот е снимен без никаква надворешна или државна финансиска поддршка, а е во копродукција со Факултетот за драмски уметности во Скопје и „Апофенија Пост“.

Двете сестри, Билјана и Вики, се соочуваат со сложени предизвици по смртта на нивниот татко. Постарата Билјана ја сноси одговорноста да ја продаде семејната куќа за да ја обезбеди иднината на Вики. Наративот се развива додека таа се соочува со бирократскиот лавиринт, обидувајќи се да докаже дека нејзиниот татко е починат.

Минатата година, на филмот му беше доделено специјално признание во рамките на ИФФК „Браќа Манаки“ од познатиот кинематографер Питер Бижу. На премиерата во Скопје, во склоп на филмскиот фестивал „Sирни“ ја доби наградата за најдобар филм – „Данчо Чеврески“. Оваа година „Мавера“ беше претставен на маркетот за кратки филмови во склоп на интернационалниот филмски фестивал Клермон-Феран.

Режисер и сценарист на филмот е Батухан Ибрахим, продуценти се Батухан Ибрахим и Стефан Ѓоргиевски, директор на фотографија е Стефан Ѓоргиевски, а монтажер е Драган Спасов, дизајнот на звук е на Ристо Алчинов, а костимограф е Андреј Ѓоргиевски-Папаз. Улогите ги толкуваат Симона Спировска и Мирјана Трпковска – Костовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот