Гужва во ЈСП автобус по штрајкот на приватните автобуси / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Крај на „превозничките“ маки на скопјани, од идната недела приватните автобуси повторно во сообраќај

Завршуваат „превозничките“ маки на скопјани, затоа што наскоро на градските улици се враќаат приватните автобуси. Тоа значи дека конечно, последниот објавен оглас на кој се бараа превозници на 16 линии е успешен. Градоначалничката Данела Арсовска очекува приватните превозници повторно да се вклучат со возилата во сообраќај наредната недела, до кога би требало да завршат сите процедури кои сега се спроведуваат.

Во моментов се прави проверка на автобусите, документациската постапка завршила, затоа што, како што објасни Арсовска, на претходниот оглас дел од оние што аплицирале немале поднесено целосна документација, останува уште да се потпишат договорите.. Таа вели дека луѓето што се пријавиле на огласот се чесни луѓе што сакаат да работат, истите оние што порано возеле организирани од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“.

Мораше во ЈСП „Скопје“ да им се прегледаат системите преку кои им се следи километражата, начинот на возење, валидаторите. Во 2018 година одеднаш имаа еден пресек и прекинале да валидираат. И ако погледнете еден нивен автобус во одреден временски период има пет луѓе валидирани, а автобус на ЈСП на истата таа траса во истиот временски период има 225. Значи имате 200 и кусур непријавени патници на траса – рече градоначалничката.

Според неа, системот за исплата на превозниците е подобрен, сега директно на нивна сметка ќе одат средствата, а претходно, како што нагласи, ги собирал еден и им ги делел по систем „ тебе волку, тебе толку“.

И потоа приватните превозници се жалеа дека не им е платено месеци, а ние сме платиле до последно. Ние им ги плаќавме парите авансно, еден месец однапред за да имаат средства да возат наредниот месец, тоа се големи пари, по 400, 500, 600 илјади евра однапред – нагласи Арсовска.

Таа објасни дека превозниците всушност имаат два договора, еден со Град Скопје, кој им ја дава лиценцата и еден со ЈСП за начинот како ќе оперираат на линијата. Во тој договор со ЈСП всушност е утврдено на колку време треба да се задолжат и со колку карти, како треба да им се поделат на луѓето, како треба да ги издаваат, на кој начин, како ќе се фискализираат.

Што се однесува на квалитетот на приватните автобусите кои ќе бидат дел од градскиот јавен превоз, според градоначалничката, дел од превозниците веќе започнале да го подобруваат возниот парк, почнале да земаат кредити. Град Скопје имал намера и да ги субвенционира превозниците, односно да им даде дел од автобусите на ЈСП со еуро 4 стандард откако ќе се купат нови автобуси за градскиот превозник.

Во однос на набавката на нови автобуси со задолжување во домашна банка, предлог кој градските советниците трипати го одбиваат, Арсовска вели дека станува збор за гола политика. Таа предупреди дека „Јутонг“ автобусите веќе се во очајна состојба и ќе почнат да се расипуваат и дека се неопходни нови автобуси, дека е неопходно задолжување за таа намена затоа што градскиот буџет не може да издржи тие да се набават на поинаков начин.

Порано имало политичка волја и одлуката за задолжување се донесувала за еден ден на седница – се пожали градоначалничката.

Колку за потсетување на последниот јавен оглас, кој беше објавен минатиот месец, исто како и на претходниот, се бараа превозници на 16 линии, поделени во три пакети. Во првиот пакет се опфатени линиите со број 23, 45, 61, 63 и 73, вториот пакет се однесува на превоз на линиите 9, 11, 11А, 12, 47А и 55 и третиот пакет ги опфаќа линиите 19, 20, 22, 52 и 54. Тоа се истите линии на кои до протестот на превозниците пред шест месеци возеа приватни автобуси, а оттогаш до денес на нив се распоредени автобусите на ЈСП, што резултираше со сегашната состојба во градскиот превоз – недоволен број и нередовни возила на сите линии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот