
Крадците во полошко не пребираат, се краде од живина до мотокултиватори
Летниот период е „сезона на крадци“, во полошко. Се оди на одмори и семејни веселби, а домовите и дворовите стануваат „лесен плен“. Но, во последно време разбојниците и крадците не пребираат.
Препорачано
Домовите ги ограбуваат, но пред да излезат оперираат и во дворовите, па одземаат се што ќе им дојде при рака. Живина, алат, казани, мотокултиватори.
За само еден месец во тетовското село Слатино биле ограбени 4 домови.Мештаните велат дека оваа појава е се почеста, бараат повеќе полициски патроли, но и зголемена откривачка дејност.
Трпче Атанасовски од Слатино, вели дека во периодот од 10 до 15 август крадци влегле кај него дома му ја испразниле куќата, но и дворот.
„Ова не е прв пат, туку постојано се краде, полицијата да преземе мерки да ги фати крадците, голема штета имам. Моторна пила ми одзеле, мотокултиватор, казан, и на комшијата казанот со сите бакарни работи,“ изјава Трпче Атанасовски од тетовското село Слатино.
Од Секторот за внатрешни работи Тетово, велат дека се краде се и сешто, но нивни екипи се почесто ги расчистуваат кражбите, а голем дел од одземеното им се враќа на сопствениците.
„Летово на тетовското подрачје целосно расчистени се 10 кражби на моторни возила, 7 кражби на електрилни тротинети, но и повеќе други кражби. Сторителите на овие кражби се идентификувани, односно откриени се и веќе им се изготвени поднесоци, а одземеното е пронајдено и вратено им е на сопствениците, изјави Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.
ОД СВР Тетово, велат дека се работи и на превентивни активности, односно како граѓаните да се заштитат од кражби и разбојништва.
„Одржани се триесетина средби со граѓани на кои им беше објаснето како да се заштитат од кражби, особено кога заминуваат на годишни одмори но и отсустуваат од дома поради свадби и семејни веселби, рече Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.
Во селата рабојниците го земаат дури и плодот собран од нивите, во есенскиот период пак костените од Шара наместо кај сопствениците завршуваат во рацете на крадците, кои слободно влегуваат во туѓи имоти и берат односно крадат костени.