Означен крајот на грејната сезона за оваа година / Фото: Влада на РСМ

Ковачевски: Успешно ја завршивме овогодишната грејна сезона, зголеменото домашно производство донесе стабилна цена на струјата

Во РЕК Битола денеска беше означен крајот на овогодишната грејната сезона. Премиерот Димитар Ковачевски е горд на постигнатите резултати и тоа што кризата ја претвориле во можност, а од големо значење била и помошта од сојузниците и стратешките парнери, како онаа од Европската Унија со 80 милиони евра.

Паралелно, го презедовме греењето со топлинска енергија во главниот град. Ова беа првите стратешки оперативни чекори кои се направија од Планот за справување со енергетската криза. Сигурна, стабилна и континуирана испорака на електрична и топлинска енергија беше фокусот во Планот што го изработи и спроведе Економско-енергетскиот тим. Сега кога завршува грејната сезона, можам само да бидам горд на резултатите кои ги постигнавме и на заедничкиот успех, изјави тој.

Означен крајот на грејната сезона за оваа година / Фото: Влада на РСМ

Потсети дека во текот на целата грејна сезона немало рестрикции, а зголеменото домашно производство, донесе стабилна цена. Потенцираше дека во услови на светска криза го зголемиле домашно производство и ЕСМ наместо законски предвидените 60 отсто производство на електрична енергија, во целост, односно 100 проценти обезбеди струја за домаќинствата и за малите потрошувачи.

-Планот даде резултат. Тоа е најдобар демант за критичарите и квази експертите кои во текот на последниот квартал минатата година предвидуваа најцрни сценарија и го вознемируваа народот, рече Ковачевски.

Означен крајот на грејната сезона за оваа година / Фото: Влада на РСМ

Министерот Крешник Бектеши истакна дека како надлежна институција за енергетскиот сектор, Министерството за економија секојдневно соработуваше со сите надлежни институции од енергетскиот сектор и носеше мерки се со цел успешно пребродување на енергетската криза.

И можам да кажам дека сите заедно успеавме во тоа. Сега пред нас стојат нови предизвици, а тоа е пред се енергетската трансформација и зголемување на енергетската независност. Во наредниот период ќе продолжиме да работиме засилено и посветено во зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори што ќе донесе поголема независност, најави Бектеши.

Фокусот, како што додаде, ќе биде и на подготовката на следната грејна сезона за која е уверен оти новиот менаџмент на ЕСМ ќе ја помине успешно.

-Потрошивме најмалку средства споредено со земјите од регионот за справување со енергетската криза и обезбедивме непрекинато снабдување со електрична енергија за домаќинствата и компаниите. Така ќе продолжиме и понатаму. Благодарност до сите вработени во ЕСМ, работниците, менаџментот и сите оние кои беа вклучени во ова успешно справување со енергетската криза, заклучи министерот.

Означен крајот на грејната сезона за оваа година / Фото: Влада на РСМ

Генералниот директор на ЕСМ, Васко Стефанов, им честита и се заблагодари на сите вработени во АД ЕСМ и на менаџментот на компанијата, затоа што професионално, максимално и со сиот свој потенцијал се вложија себеси при справувањето со енергетската криза.

-Благодарение на вашата посветеност и стручност, вашиот квалитет, голем ентузијазам и дополнително вложениот труд успеавте да се справите со исклучително тешките предизвици со коишто се соочивте. Притоа, успеавте да го зголемите производството, а истовремено да ги намалите трошоците, што пак, придонесе АД ЕСМ да оствари позитивни финансиски резултати. Докажавте, сите заедно, дека ЕСМ како компанија има капацитет да ја менаџира најголемата енергетска криза досега, секако со силна заложба и поддршка од Владата, лично од премиерот Димитар Ковачевски и од економските министри. Ова големо признание и благодарност што ви го оддава премиерот е многу важно за сите, тоа е потврда за улогата и за успехот на секој вработен поединечно во ЕСМ, и силен доказ дека Владата е наш сојузник. Верувам дека за да ги постигнеме поставените цели на нашата компанија и во иднина ќе продолжиме со иста посветеност, ентузијазам и професионалност како и досега , изјави Стефанов.

Во РЕК Битола денеска беа доделени и благодарници за вработените во енергетскиот сектор, кои, како што велат од Владата неуморно работеле во најголемата светска енергетска криза, која светот ја памети по Втората светска војна.

Грејната сезона започна на 15 октомври 2022 година. Како што потсети Ковачевски, во рамките на грејната сезона 2022/2023, за месеците октомври, ноември, декември, јануари, февруари, март вкупното домашно производство на електрична енергија е од 2,7 милиони Mwh. Во споредба со претходната грејна сезона 2021/2022, тој додаде дека има зголемување на вкупното производство на електрична енергија од 45 отсто, односно за шест месеци минатата година се произвеле вкупно 1,8 милиони Mwh електрична енергија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот