Фото: Влада на РСМ

Ковачевски без коментар за застарувањето на „Таргет – тврдина“: Одговорите барајте ги кај оние кои го воделе случајот

Премиерот Димитар Ковачевски денеска не го коментираше застарувањето на случајот „Таргет – тврдина“, што произлезе од измените на Кривичниот законик донесени неодамна. Ковачевски вели дека тие биле предложени и донесени поради усогласување, а не заради одредени повеќегодишни судски случаи.

– Јас никогаш досега не сум коментирал судски постапки. Тоа што е карактеристично e што се работи за случај од она што е достапно јавно, којшто се започнат уште во 2015 година, којшто е во второстепена постапка веќе три години, меѓутоа во текот на тие осум години не бил завршен како случај. Така што, сите одговори за ефикасноста во однос на решавањето на случајот и во однос на текот јас не би можел да ги дадам, тоа може да го дадат единствено оние коишто работеле на истиот, така што тоа е одговорот којшто можам да ви го дадам, рече Ковачевски.

За измените на Кривичниот законик, рече дека се однесувале на усогласување со европски директиви во делот на конфискација на имот и во други делови, вклучително и на одредени членови коишто се усогласуваат со законодавства на земји – членки на ЕУ – На 19 од нив и со речиси сите земји – членки на Советот на Европа.

-Беше направено заради усогласување, а не заради одредени судски случаи коишто се наоѓаат во постапка 8 години, 9, 10 години итн., бидејќи по таа теза тоа би значело дека кај нас би требало да се воведе незастарување на ништо и да сите судски случаи може да траат по 50, 60 години кога би биле решавани. Меѓутоа, сепак, праксата на земјите членки на ЕУ укажува на рокови коишто рокови обезбедуваат судење со пракса која што нуди ефикасност за сите странки во процесот, рече Ковачевски, кој беше во посета на компанијата „Вивакс“.

Мијалков куртули за Таргет-Тврдина, му застари делото

Евроамбасадорот Дејвид Гир, кој заедно со премиерот присуствуваше на настанот, рече дека не може да коментира, но оти ставот на Европската комисија во однос на измените на Кривичниот законик не е сменет. Потсети дека ЕК претходно изрази длабока загриженост во врска со импликациите што ги има принципот на неказнивост поради измените на Кривичниот законик, како и употребата на европското знаменце при нивното носење.

-Мислам дека ставот на ЕК е многу јасен. Нејзиниот став не е сменет. Се разбира, од наша страна ние можеме да кажеме само дека одблиску ги следиме сите случувања коишто се поврзани со судството, се разбира и сите измени или последици коишто произлегуваат од измените на Кривичниот законик. Ќе излеземе со нови оценки, со нови коментари во врска со понатамошни можни идни развои на ситуацијата, изјави Гир.

Судот вчера донесе решение за запирање на кривичната постапка за случајот за „Таргет-Тврдина“ за обвинетите Сашо Мијалков,Горан Груевски, Надица Николиќ, Владимир Варелов, Маријан Шумуликоски и Васил Исаковски за делата злосторничко здружување и злоупотреба на службена положба и овластување поради настапено застарување.

Со ова застаруваат кривичните дела за нелегалното прислушување за предметот, а во судница остануваат обвинетите што се опфатени со делот за ништење на опремата.

Трошоците за водењето на кривичната постапка паѓаат на товар на Буџетот на државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот