Фото: Министерство за култура

Костадиновска-Стојчевска: Новите технологии во археологијата верувам дека ќе покажат интерес кај младите за заштита на културното наследство

Запознавањето на младите со интердисциплинарниот пристап и новите технологии во археологијата е од огромно значење и верувам дека ќе предизвика поголем интерес за археолошкото богатство и заштитата на културното наследство, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска по повод 18 април – Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите.

Министерката денеска го посети музејот под отворено небо – Неолитско село на археолошкиот локалитет Тумба Маџари во Скопје и информираше дека денеска ширум се отворени вратите на сите музеи и локалитети во државава.

Од огромна важност е подигнувањето на јавната свест за значењето, вредноста, грижата и заштитата на нашето културно наследство како дел од заедничките цивилизациски придобивки. Симболично, но суштински, обезбеден е слободен влез во сите национални установи од областа на заштитата на културното наследство, кои ќе бидат отворени во текот на целиот ден. Веруваме дека ова ќе биде предизвик за голем број од пошироката јавност да ги посети, да се информира, да го збогати своето знаење, а сето заедно да придонесе за подигнување на свеста за значењето на културното богатство што го поседуваме, додава таа.

Упати и честитки до националните установи кои подготвија програма преку која ќе го приближат значењето на културното наследство до најмладите, до оние во чии раце во иднина ќе остане обврската за негово чување.

Со еднаква свест дека климатските промени ги загрозуваат и нашите идентитети посегнувајќи токму по културното наследство, наша обврска е силно и посветено да работиме на стабилизирање и конзервирање на историските објекти и локалитети кои, според процената и на светски авторитети, директно се изложени на екстремноста на климатските промени, рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура во музејот под отворено небо „Неолитско село” на локалитетот Тумба Маџари во Скопје присуствуваше на предавање за средношколци, на кои им беа презентирани новите технологии што се користат во археолошките истражувања како недеструктивни методи, пред сè, употребата на георадар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот